ЛЕТОВИ НА АВИОНИ, ХЕЛИКОПТЕРИ И АКРОБАТСКИ ГРУПИ НА ПРВИОТ АЕРОМИТИНГ ШТО ВГОДИНА ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ

    ЛЕТОВИ НА АВИОНИ, ХЕЛИКОПТЕРИ И АКРОБАТСКИ ГРУПИ НА ПРВИОТ АЕРОМИТИНГ ШТО ВГОДИНА ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМНа аеромитингот се предвидени летови на сите спортски, школски и авиони за посебни намени што се регистрирани во македонскиот Регистар на воздухоплови, летови на хеликоптери од воздушните сили во АРМ и МВР. - Од Саемот за авиоиндустрија што секоја втора година се одржува на парискиот аеродром Бурже (Фото: СДК.МК)

    Аеромитинг со летови на авиони и хeликоптери од земјава и странство ќе се одржи на Меѓународниот аеродром Скопје вгодина во септември. Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) за прв кај нас ќе организира аеромитинг, со што ќе се одбележат 90 години од извршувањето на првиот меѓународен лет на скопскиот аеродром, 50 години од отворањето на современ меѓународен аеродром во Охрид и 25 години од создавањето на македонските цивилни воздухопловни власти.

    „Тоа се значајни јубилеи за развојот на воздухопловството во Македонија, што треба да бидат одбележани на достоен начин. Нивното одбележување и чествување ќе бидат одлична можност за популаризација на воздухопловството, посебно кај најмладата популација, но и за поинтензивен развој на сите воздухопловни активности. За таа цел, планирано е одржување на поголем број манифестации, настани и пригодни свечености. Меѓу бројни активности во текот на целата година, за почетокот на септември е предвидено одржување на голем аеромитинг на скопскиот аеродром, со учество на голем бројни реномирани домашни и странски учесници од различни воздухопловни области, кој ќе претставува единствено доживување од таков вид за сите вљубеници во воздухопловството“, вели директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев.

    На аеромитингот се предвидени летови на сите спортски, школски и авиони за посебни намени што се регистрирани во македонскиот Регистар на воздухоплови, летови на хеликоптери од воздушните сили во АРМ и МВР. Низок лет ќе изведе патнички авион од „Визер“, а акробатски летови специјализирани воздухопловни акробатски групи од Хрватска, Србија и Унгарија.

    „Предвидени се падобрански скокови, летови на балони, параглајдери и змејови, презентација на најновите достигнувања во воздухопловното моделарство, организирана посета и разглед на воздухопловите за деца и ученици, разговор со пилоти и членови на кабински персонал, изложба на фотографии“, додава Тунтев.

    Покрај аеромитингот, во текот на годината се планирани и други пригодни активности и манифестации – трибини со пилоти и контролори на летање, средби со македонските жени-пилоти, издавање монографии, прирачници и книги од областа на воздухопловството, средби и дружења со пионерите на македонското воздухопловство.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира