ЛИЧНИ АСИСТЕНТИ ЌЕ ИМА ЗА СИТЕ ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, НЕ САМО ЗА ОНИЕ СО ТЕЛЕСЕН ХЕНДИКЕП, ТВРДИ МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКА

    ЛИЧНИ АСИСТЕНТИ ЌЕ ИМА ЗА СИТЕ ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, НЕ САМО ЗА ОНИЕ СО ТЕЛЕСЕН ХЕНДИКЕП, ТВРДИ МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКАПри подготовка на програмата за лични асистенти за лицата со попреченост ќе направиме широка консултација со сите, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

    Програмата за лични асистенти на лицата со попреченост ќе ги опфаќа сите, а не само лицата со телесна попреченост, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Таа ова го изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК, откако вчера реагираа здруженијата на пациенти по информацијата од Влада дека на завчерашната седница ја разгледале информацијата за воведување програма за лична асистенција на лица со телесна попреченост.

    Здруженијата на пациенти бараат лични асистенти државата да обезбеди за сите лица со попреченост, односно и за лицата со аутизам, со даунов синдром, ментална и сензорна попреченост. Тие сметаат дека ако се прави ваква програма само за лицата со телесна попреченост практично повторно се прави дискриминација на лицата со посебни потреби.

    Царовска објаснува дека на Влада поминала информацијата која се однесува на пилот програмата за лица со телесна попреченост, која што е финансирана од Европската унија.
    „Оваа пилот програма беше наменета само за лица со телесна попреченост и веќе имаме обучени 70 асистенти. Но, тоа не значи дека другите ќе бидат исклучени, бидејќи на Влада помина информацијата со која се задолжува Министерството за труд и социјална политика по донесување на законските измени во рок од 15 дена да направиме програма за лични асистенти за сите лица со попреченост. За подготовка на програмата ќе направиме широка консултација со сите и таа ќе ги опфаќа сите лица со попреченост. Нема потреба никого да исклучуваме“, вели Царовска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира