На координација кај претседателот на Собранието талат Џафери денеска претставници на СДСМ и коалицијата, на ДУИ, на БЕСА, Алијанса за Албанците и на ДПА, се договориле начелно локални избори да се одржан во првата половина на октомври 2017 година. Претставник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не бил присутен на координацијата.
„Партиите се договорија да постигнат договор за донесување на Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој одржувањето на локалните избори ќе биде предвидено за првата половина на октомври. Мандатот на сегашните градоначалници и советници ќе биде продолжен до изборот на новите членови на советите и градоначалниците. Исто така, претседателот Џафери беше известен дека партиите се согласуваат расправата по предлог-законот да биде ефикасна и да се исклучи секаква можност за нејзино непотребно одолжување“, се вели во соопштението од кабинетот на Џафери.
Собранискиот спикер им укажал на партиските претставници дека со цел да се овозможат услови за редовно работење на Собранието, неопходно е да се почитува собранискиот деловник. Согласно член 33 од Деловникот на Собранието, ги повикал да го известат првин за формирање на пратеничките групи.
„Џафери потенцираше дека очекува во краток рок партиите да постигнат договор за формирање на работните тела на Собранието, со цел измените на Изборниот законик да бидат донесени согласно деловничките процедури“, се наведува во соопштението.