„ЛУФТХАНЗА“, „ВИЗЕР“ И „ЕЈЏИАН“ КОНКУРИРАЛЕ ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НОВИ АВИОЛИНИИ ОД СКОПЈЕ И ОХРИД

    „ЛУФТХАНЗА“, „ВИЗЕР“ И „ЕЈЏИАН“ КОНКУРИРАЛЕ ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НОВИ АВИОЛИНИИ ОД СКОПЈЕ И ОХРИДДосега од државата субвенции добиваше само унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“. (Фото: СДК.МК)

    Авиокомпаниите „Луфтханза“, „Визер“ и „Ејџиан ерлајнс“ доставиле понуди за добивање субвенции за воведување нови авиолинии од Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид. Денеска во Министерството за транспорт и врски беа отворени понудите на јавниот повик кој беше објавен на 20 декември.

    „Пристигнати се понуди од три авиокомпании, „Луфтханза“, „Визер“ и „Ејџиан“. Следи процес на евалуација на понудите по што ќе бидат објавени новите дестинации за кои компаниите ќе добиваат субвенции од државата во наредните три години“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за транспорт и врски.

    Досега од државата субвенции добиваше само унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“. Овој јавен повик  е различен од претходните и на него можеа да конкурираат и да се изберат повеќе авиокомпании.

    На јавниот повик можеа да конкурираат компании кои имаат превезено најмалку 10 милиони патници во 2019, да имаат остварено профит од минимум 25 милиони евра во 2019 и да летаат најмалку два пати неделно. Финансиската поддршка ќе се доделува со рангирање на новите дестинации и тоа според период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира и број на седишта понудени на продажба.

    Финансиската поддршка ќе биде 7 евра по патник во заминување од Меѓународен аеродром Скопје и 4,5 евра по патник во заминување од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Од буџетот на државата за оваа година за субвенции се предвидени 1,1 милион евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира