Главниот обвинет за киднапирањата и убиствата на Панче Жежовски и 14-годишната Вања Ѓорчевска, Љупчо Палевски – Палчо, денеска во своја одбрана го имаше повикано да сведочи еден од инспекторите од Велес кои работеле на наоѓање на тогаш исчезнатото лице Жежовски.
Главниот акцент во прашањата на обвинетиот Палевски беше на претресот во куќата на сообвинетиот Боре Видевски од Велес и на оружјето, муницијата и дозволите за оружјето што од тој дом, т.е. откај неговата сопруга.
„Бидејќи кажавте дека од домот на Боре Видевски, т.е откај сопругата Јасминка Видевска сте одзеле пушка, патрони за пушката и дозволи за пиштол ‘зброевка’, и сте го констатирале тоа во одземени предмети, зошто тие понатаму не сте ги дале во истрагата?”, праша Палевски.
По ова Боре Видевски се вознемири, а неговиот адвокат го гушна и му шепотеше на уво.
„Тоа што ценела истрагата дека и’ е потребно, тоа си го зела понатаму за доказна постапка”, кажа сведокот.
Освен Палевски и Видевски, за помагање во киднапирањата и убиствата, обвинети се и Велибор Манев и Влатко Кешишев, а таткото на убиеното девојче Вања, Александар Ѓорчевски, обвинет е дека им дал информации кога таа излегувала наутро за на училиште.
Видевски, Манев и Кешишев со ист след на настаните, со потполно исти детали за двете свирепи убиства, настапија во истрагата и сите тројца го посочија Палевски дека тој бил мозокот на операциите и егзекутор на Панче и на Вања. Им пукал на двајцата во тилот, така тврдат Манев, Кешишев и Видевски
Потоа Палевски праша што се случило со оружјето, муницијата и дозволите за пушката и за пиштолот.
„Постои закон. Веднаш беше отворена управна постапка за трајно одземање на оружјето и на дозволите за поседување”, одговори сведокот.
„На 4 декември 2023 година, кога телата се веќе најдени, вие видовте дека оружјето го нема. И вие решивте кога го одземавте оружјето на четврти, да поведете управна постапка за одземање на пушката и дозволите? Зошто не баравте оружје за убиство?”, праша Палевски.
„Беа извршени претреси, пиштол не беше пронајден. Натаму, сите наредби ги добивавме од Обвинителството. Обвинителката Славица Р. беше усно известена дека недостасува еден пиштол”, одговори сведокот.
На дополнително прашање од обвинетиот, сведокот инспектор од Велес кажа дека усно го известил и СВР Скопје дека оружје не е најдено.
Обвинителката во вкрстено прашање појасни дека ако не бил прашан Боре Видевски кај му е пиштолот во Велес, бил прашан понатаму во Скопје.
„Точно е дека на 3.12.2023 година лицето Боре Видевски беше спроведено од Велес во Скопје заради понатамошна постапка?”, праша таа.
Сведокот одговори потврдно.
По ова ќе следуваат изведување на материјални докази од страна на одбраната на Палевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА