МАКЕДОНИЈА Е АНТИНАЦИСТИЧКИ ПРОЕКТ, А СО ТОА И АНТИБУГАРСКИ, АМА ЗА ТОА СИ СЕ САМИ КРИВИ БУГАРИТЕ – РУСКА АНАЛИЗА НА БУГАРСКИОТ МЕМОРАНДУМ ДО ЕУ

    МАКЕДОНИЈА Е АНТИНАЦИСТИЧКИ ПРОЕКТ, А СО ТОА И АНТИБУГАРСКИ, АМА ЗА ТОА СИ СЕ САМИ КРИВИ БУГАРИТЕ – РУСКА АНАЛИЗА НА БУГАРСКИОТ МЕМОРАНДУМ ДО ЕУПремиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов на 1 август минатата година во близина на Дојран го открија возобновениот споменик на генералот на бугарската армија Константин Каварналиев од Втората балканска војна. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Рускиот новинар Дмитри Баварин вели дека Република Македонија и македонскиот јазик навистина се проект на комунистите, но проектот првенствено е антинацистички, а тоа што е и антибугарски, за тоа си се виновни самите Бугари, во неговата опсежна анализа за македонско-бугарските односи, направена по повод бугарскиот меморандум до земјите членки на ЕУ.

    Во анализата, насловена „На словенски народ му го откажуваат правото на постоење“ во онлајн магазинот „Взгљат“, Баварин објаснува дека првите разговори за постоење на посебни словенски Македонци, одвоени и различни од Бугарите, иако блиски со нив, се јавиле меѓу локалната интелигенција во втората половина од 19. век и почетокот на 20. век, кога филологот, историчар и политичар Крсте Мисирков го создал македонскиот литературен јазик.

    Потоа, тој пишува за Втората светска војна во регионот и потсетува дека тогашниот бугарски цар Борис Трети неколку пати се сретнал со Хитлер пред војната за да може да ја преземе Македонија и делови од српските и грчките територии, што тогаш било дел од националната идеја на Бугарија.

    По влезот во фашистичкиот блок, пишува тој, Бугарија не испратила војници на источниот фронт и не се замешала во војната на Германија против Југославија и Грција и сè додека Белград и Атина не капитулираа по што бугарските војски брзо ги окупираа земјите што им се интересни.

    „Во бугарската историографија тоа се претставува како ‘ослободување“‘, што има некаква логика: ако Македонија не беше окупирана од Бугарите, ќе требаше да биде окупирана од Германците“, пишува рускиот новинар.
    Меѓутоа, се вели во анализата, тоа им дојде преку глава на Македонците и довчерашните „браќа ослободители“ одеднаш станаа синоним за сè најлошо.

    Тој потоа опишува како течела окупацијата.

    „Прво во Македонија беа испратени арогантни и корумпирани бугарски чиновници кои се однесуваа кон македонското население надмено и брзо го свртеа против себе. Потоа беше извршена насилна бугаризација и сите училишта и јавни установи беа префрлени на бугарски јазик и почнаа да казнуваат за сè што беше македонско. Месното население не можеше да издржи такво наметнување во личните животи и во републиката се разви партизанското движење“, се вели во анализата.

    Што се однесува до комунистите на Тито, како што пишува Баварин, тој ги сфаќаше национално ориентирани Македонци, за разлика од Бугарите, кои беа сојузници на Хитлер. Словенското население, се вели во анализата, незадоволно од бугарските грубијани, ја поставува основата на новата власт во републиката.

    „Интересно е и дека Германија има свој македонски проект бидејќи нацистичкиот режим не го одобруваше припојувањето на Македонија кон Бугарија (протекторатот на Софија врз тие земји се гледал како привремен) туку како соработка со ВМРО, т.е. македонските националисти“, се вели во анализата.

    Потоа, рускиот новинар прави и анализа на внатрешна бугарска ситуација во моментов и вели дека станува збор за најсиромашна, најкорумпирана и земја со најлош индекс на слободата на медиумите во ЕУ.

    „Воопшто не е забавно да си Бугарин“, вели Баварин.

    По освртот на протестите во Бугарија, кои што траат од јули годинава, и на кои што се бараат оставки од премиерот Бојко Борисов и јавниот обвинител Иван Гешев, Баварин вели дека Борисов веќе извесно време има одвратен имиџ во ЕУ и дека европските медиуми го споредуваат неговото владеење со мафијашки клан и прогнозираат негов пораз на изборите напролет.

    „И додека сè уште има време до изборите, Борисов се обидува да направи барем нешто, на пример, да ги врати националистите на своја страна, за да не преминат на страната на опозицијата. Така и се роди меморандумот, испратен до европските престолнини во кој што Софија ја објаснува својата позиција по македонското прашање: нема Македонци, нема и македонски јазик, така што Бугарите кои живеат во Северна Македонија треба да ‘се откажат од идеолошкото наследство на комунистичка Југославија’ пред да влезат во ЕУ. Тоа е чиста ПР кампања. Бојко нема сила да го блокира процесот на приклучување на Северна Македонија кон ЕУ“, се вели во анализата.

    „Одрекувајќи го правото на постоење на цел  еден народ, Борисов сака да се претстави себеси како бранител на бугарското историско наследство од македонските „натрапници“. Од негова гледна точка, на овој начин тој помалку ќе им изгледа на своите гласачи како мафијаш, но од гледна точка на Македонците, тој е вистинскиот мафијаш во моментов“, завршува анализата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира