Македонија припаѓа на европското семејство и сме поблиску до таа цел отколку што мислиме, вели евроамбасадорот Михалис Рокас. Тој на денешната конференцијата „30 години на европскиот пат: односите Северна Македонија – ЕУ и патот напред“ рече дека сега е потребно малку прагматизам и политичко обединување.
„Во изминатите 20-25 години надежите и ентузијазмот беа високи, но исто така имаше и неуспеси и разочарувања во текот на годините и прашањето е како можеме да ги надминеме прашањата и да одиме напред бидејќи нема сомневање дека Северна Македонија припаѓа на европското семејство и, всушност, сме многу поблиску отколку што мислиме“, рече Рокас.
Според него, она што недостига во овој момент е малку прагматизам, одлучност и желба да има обединување на политичкиот спектар, со цел, како што рече, да се направи последниот одлучувачки чекор напред.
„Убаво е да се рефлектираме и на историјата бидејќи сметам дека граѓаните понекогаш забораваат дека Европската Унија е постојан, близок партнер и пријател, како и кредибилен и веродостоен партнер во сите аспекти – од моменти на кризи до Охридскиот договор, потоа Пржинскиот договор, но исто така и фактот дека економски сме присутни – 75 отсто од извозот од Северна Македонија оди во ЕУ. Исто така, и компании од ЕУ доаѓаат во земјата и инвестираат, затоа две третини од странските директни инвестиции доаѓаат од земјите членки на ЕУ“, додаде Рокас.
Тој потсети на отворањето на ЕУ програмите како Хоризонт и Еразмус плус, како и други, кои според него, помагаат на граѓаните и кои се враќаат назад во земјата да ги споделат знаењата стекнати во ЕУ.



