МАКЕДОНИЈА Е ВО ЗЕЛЕНА ФАЗА СПОРЕД СТАТИСТИКИТЕ ЗА КОВИД-19

    МАКЕДОНИЈА Е ВО ЗЕЛЕНА ФАЗА СПОРЕД СТАТИСТИКИТЕ ЗА КОВИД-19Во моментов, стандард за најдобра заштита е три дози од вакцината, рече претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски. (Фото: СДК.МК)

    Според параметрите на новата методологија за проценка на ризикот од ковид-19, која беше водведена пред една недела, Македонија се наоѓа во зелена зона, рече портпаролот на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехмедовиќ. И покрај подобрената епидемиолошка состојба, надлежните соопштија дека олабавувањето на мерките ќе се одвива постепено.

    „Активно се следат параметрите, доколку видиме дека има влошување на состојбата или зголемување на епидемиолошкиот ризик тогаш можат повторно да се вратат сите исти мерки и препораки. Но, на ваков начин постепено олабавувајќи ги мерките согласно епидемиолошкиот ризик, сметаме дека нема да се доведеме во ситуација како Велика Британија, Данска, Австрија и Германија, каде имаше нагло зголемување на новозаразени, хоспитализации и починати“, рече Мехмедовиќ.

    Во земјава во моментов се активни 1.833 болни, а в болница се 165, од кои 98 се на кислородна поддршка, а 5 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

    Моменталната состојба дава простор малку да здивнеме од коронакризата, но овој период ќе биде искористен за да се зголеми процентот на вакцинација.

    „Имавме интензивирање, праќање пораки, ќе го засилиме тоа оти има резулат, има одговор рекламирањето и потсетувањето дека е добро да се вакцинираат лицата со поголем ризик, а понатаму и тие што примиле две дози, а поминало доста време од втората доза. Во моментов, стандард за најдобра заштита е три дози од вакцина“, рече претседателот на Комисијата д-р Александар Петличковски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира