МАКЕДОНИЈА И ОФИЦИЈАЛНО СТАНА ДВОЈАЗИЧНА ВО СОБРАНИЕТО, ВЛАДАТА, СУДОВИТЕ, МИНИСТЕРСТВАТА, БОЛНИЦИТЕ, И СЕКАДЕ КАДЕ НАД 20 ОТСТО ЖИВЕАТ АЛБАНЦИ

    МАКЕДОНИЈА И ОФИЦИЈАЛНО СТАНА ДВОЈАЗИЧНА ВО СОБРАНИЕТО, ВЛАДАТА, СУДОВИТЕ, МИНИСТЕРСТВАТА, БОЛНИЦИТЕ, И СЕКАДЕ КАДЕ НАД 20 ОТСТО ЖИВЕАТ АЛБАНЦИ„Објавувањето на Законот за употреба на јазиците во Службен весник е уставно, зашто никој не смее да го попречува Собранието. Член 51 став 2 од Уставот вели дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Член 52 вели дека законите се објавуваат во Службен весник. Зошто господинот Иванов не го потпишал Законот за јазиците и зошто одлучил да ја попречува работата на Собранието, прашајте го него", вели за претседателот на Собранието Талат Џафери (Фото: СДК.МК)

    Законот за употреба на јазиците, што вчера претседателот на Собранието Талат Џафери го испрати на објава во Службен весник, по членот 1 кој вели дека на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, има содржина во ставот 2, која го израмнува на исто ниво на службена употреба и албанскиот јазик.

    „Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик, согласно овој закон“, се вели во ставот 2 од првиот член.

    Претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише иако беше донесен по вторпат на 14 март 2018, па во Службен весник е објавен без негов птпис.

    „Објавувањето на Законот за употреба на јазиците во Службен весник е уставно, зашто никој не смее да го попречува Собранието. Член 51 став 2 од Уставот вели дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Член 52 вели дека законите се објавуваат во Службен весник. Зошто господинот Иванов не го потпишал Законот за јазиците и зошто одлучил да ја попречува работата на Собранието, прашајте го него”, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на Собранието Талат Џафери.

    Во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, на начин определен со овој закон. Исто така, и во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

    Во член 2 стои дека граѓаните имаат право да употребуваат кој било од наведените службени јазици (македонски или албански) и нивните писма, а институциите имаат обврска да им овозможат на граѓаните користење, употреба и примена на тие службени јазици и нивните писма во која било постапка, како и спроведување на тие постапки на тој службен јазик и писмо. Се воведува двојазичност во: судските, управните, извршните постапки, предистражните и истражните постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, постапка за извршување санкции, како и другите постапки предвидени со други закони. Судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции се обврзани да овозможат користење, употреба и примена на кој било од двата службени јазика.

    Истото важи и за комуникацијата и постапките што ги имаат граѓаните Албанци со Собранието, Владата, претседателот на државата, Народниот правобранител, нотаријатот, извршителите, во изборниот, образовниот процес, во здравството, науката, Уставниот суд, финансиите, при примена на полициските овластувања.

    Член 3 од Законот ја регулира двојазичноста од избраните или именуваните функционери, додека член 4, материјата за употреба на јазиците во Собранието. Во став (2) е предвидено дека пратеник, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Македонија, на седница на Собранието и на седници на работни тела зборува и на албански јазик. Натаму, пратеник што зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% граѓаните во Македонија, кога претседава со седниците, ги води на тој јазик, т.е. на албански. Оттаму, седниците спикерот Талат Џафери ќе ги води на албански јазик.

    Материјалите спикерот и пратениците Албанци ги добиваат и ги испраќаат преведени навреме, стои во членот 4 од вкупно 15 члена на Законот за употреба на јазиците.

    Во член 5 е уредена употребата на јазиците во Владата, па идентични се одредбите како и за Собранието. Сега ќе може седниците вицепремиер Албанец да ги води на албански, министрите да зборуваат на мајчиниот јазик, а ќе може да се зборува на албански и на владините комисии и колегиуми.

    Во член 6 е уредена материјата за употреба на јазиците во институциите, кои ќе мора да обезбедат преведувачи, а документите и онлајн објавите да бидат на двата службени јазика. Во член 7 е уредена материјата за јазикот на пишување на називите на институциите. Во член 8 е уредена материјата за јазикот на поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите издадени од институциите и бандеролите, кои ќе бидат двојазични. Исто така, книжните и кованите пари како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо (на албанскиот јазик).

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари