МАКЕДОНИЈА ИМА ОБРАЗОВНА КРИЗА ОТИ МАЛ ПРОЦЕНТ ДЕЦА ОДАТ ВО ГРАДИНКА И ПАРИТЕ ОД ИНВЕСТИЦИИ СЕ ТРОШАТ НА ПЛАТИ, ВЕЛИ УНИЦЕФ

    МАКЕДОНИЈА ИМА ОБРАЗОВНА КРИЗА ОТИ МАЛ ПРОЦЕНТ ДЕЦА ОДАТ ВО ГРАДИНКА И ПАРИТЕ ОД ИНВЕСТИЦИИ СЕ ТРОШАТ НА ПЛАТИ, ВЕЛИ УНИЦЕФРаспределбата на работната сила е нерамномерна, некои училишта имаат паралелки со над 30 ученици, додека други имаат помалку од 10. - Од почетокот на учебната 2024/2025 година. (Фото: К. Попов)

    Македонија се соочува со образовна криза, а еден од факторите е што врз успехот на учениците негативно се одразува и недоволното време минато во предучилишно образование и што инвестициите во образованието несразмерно се трошат на плати, вели претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер.

    Резултатите од ПИСА за земјата покажуваат дека учениците кои не посетувале предучилишно образование или кои оделе во градинка помалку од една година, обично имаат пониски резултати по читање, математика и природни науки.

    „Ова не изненадува ако се земе предвид дека само околу 43 отсто од децата на возраст од 3 до 6 години посетуваат градинка, а опфатот на децата Албанци и Роми е уште понизок“, рече Милер.

    Изминативе денови, Милер говореше на настан на кој се дискутираше за тековната реформа на образованието во земјава.

    „Со оглед на слабите резултати на последното ПИСА тестирање, 75 отсто од 15-годишните ученици во земјата имаат ниски резултати по читање, а 66 отсто покажуваат ниски резултати по математика и природни науки, не е новост дека земјата минува низ образовна криза. Овие бројки не се само статистика; овие бројки се итен повик за акција, повик да се оствари правото на децата на квалитетно и инклузивно образование, а образовниот систем да обезбеди развој на човечкиот капитал и економска конкурентност.
    За да сфатиме како да го решиме овој предизвик, прво треба да разбереме зошто имаме образовна криза“, кажа таа.

    Според неа, прво, се работи за недоволно време минато во учење, т. е. учениците во основно образование на возраст од 14 години имаат речиси 900 часа помалку настава од просекот на учениците во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во која членуваат 34 земји. Ова првенствено се должи на фактот што училишната мрежа не одговара на демографските промени во земјата и како резултат на тоа 90 отсто од учениците учат во 30 отсто од училишните згради, и училиштата се принудени да работат во смени.

    Втор фактор е бројот на наставници и како тие се распределени, односно, бројот на наставници и понатаму расте и во просек наставниците работат со помал број ученици. Во изминатите две децении просечниот број ученици се намали од 18 на помалку од 10 ученици по наставник, што е значително под просекот на ОЕЦД. Всушност, во две третини од општините, просечниот сооднос ученик-наставник е под 10. Во исто време, распределбата на работната сила е нерамномерна. Некои училишта имаат паралелки со над 30 ученици, додека други имаат помалку од 10. Речиси половина од учениците во руралните средини учат во екстремно мали или комбинирани паралелки од различни одделенија – и едното и другото има негативно влијание врз нивното учење и социјализација.

    Според УНИЦЕФ, трет фактор се расположивите ресурси за квалитетно учење, односно, инвестициите во образованието несразмерно се трошат на плати, при што останува малку за покривање на трошоците наменети за квалитетно и инклузивно образование.

    „Во моментов, близу 90% од расходите за основно образование одат на трошоци за плати, оставајќи премалку за периодичните трошоци што служат за осовременување на објектите, инвестирање во професионалниот развој на наставниците, наставни средства и други оперативни трошоци“, кажа Милер.

    Врз основа на нивната анализа, сеопфатните консултации со сите засегнати страни и најдобрата меѓународна практика, постои потреба од преиспитување во три критични области: Училишна инфраструктура, Човечки ресурси и Финансирање на образованието.

    „Во нашите консултации, училиштата и општините истакнаа дека сегашниот метод на доделување средства за основно образование не е одржлив. Треба да ја подобриме распределбата на ограничените ресурси за сите основни училишта да обезбедат правично образование според националните образовни и инфраструктурни стандарди и прописи. Со сегашната формула за финансирање не се поттикнува ефикасно трошење, не се земаат предвид училишните резултати и не се предвидуваат наменски средства за професионален развој на наставниците или за воннаставни активности. Потребна ни е формула со која се пресметува трошокот по ученик, обезбедува правична распределба и се гарантираат средства за превоз на учениците што живеат подалеку од училиштата“, рече Милер.

    Таа укажа и дека од суштинска важност е да се обезбедат соодветни средства за инклузија на децата со посебни образовни потреби и поддршка на училиштата со настава на јазиците на помалите етнички заедници.

    „Но, сакам да потсетам дека овој процес не е одговорност само на еден министер. Реформирањето на образовниот систем е сложен процес и бара силно лидерство и политичка посветеност на сите владини нивоа. Потребен ни е и ангажман и дејствување од страна на Собранието, пошироката Влада вон Министерството за образование, вклучувајќи ги Министерството за финансии, општините, раководството на училиштата, наставниците и родителите“, рече Милер.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира