Владата преку Министерството за правда ќе прави закон со кој како антифашистичка држава, ќе ја забрани регистрацијата на називи кои на каков било начин се поврзани со фашисти, нацисти и нивни соработници и поддржувачи.
Се внимава да не се попречи слободното здружување на граѓаните, кое е уставно загарантирано право.
Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, се разгледува германскиот модел на законот за употреба и регистрација на називи на здруженија, фондации и друго, кој е многу ригорозен, и српскиот, кој е полиберален во казните за употреба и на фашистички називи и величење на фашизмот и нацизмот и нивната иконографија.
Во однос на новоотворениот клуб со назив на воениот сојузник на Адолф Хитлер, бугарскиот Цар Борис, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на редовниот саботен прес, кажа дека е провокација на која не треба да наседнуваме. Истото го кажа и кога се отвори „Ванчо Михајлов“ во еврејското маало во Битола.
Заедничко на двата клуба отворени од наши државјани кои се чувствуваат како Бугари, е што се провокација за Македонија, смета Османи. Провокација се затоа што називите со истакнати соработници на фашистичкиот окупатор во Втората светска војна, не се во духот на пријателство, разбирање, ненавредување и помагање на народите.
„Дури мислам и дека ваквите потези се на штета на бугарската заедница кај нас. Дали некој им го прави тоа намерно, не знам. Им прави штета во момент кога на бугарската заедница ѝ се дава можност повеќе да се афирмира, кога државата се труди да биде внесена во Уставот“, смета Османи.
Тој кажа дека МВР не дозволи на протестот во Охрид вчера луѓето да наседнат на провокацијата.
На прашање зошто не се ограничи употребата на фашистички имиња и називи буквално од сокови и храна, па до фирми и здруженија, како што е случај во некои европски држави, Османи кажа дека иако тоа не е ингеренција на МНР, туку на Министерството за правда, сепак можеби ваквата широка интерпретација и опфат е најдобро решение, за да не се толкува дека таков евентуален ограничувачки закон за називите на здруженијата на граѓани, би се носел само за здруженијата на бугарската заедница во Северна Македонија.
С. К. ДЕЛЕВСКА