МАКЕДОНИЈА ЌЕ ВПИШЕ 3.000 НОВИ ДРЖАВЈАНИ РОДЕНИ ТУКА КОИ НИКОГАШ НЕМАЛЕ ДОКУМЕНТ ЗА ИДЕНТИТЕТ, НИ МАТИЧЕН БРОЈ

    МАКЕДОНИЈА ЌЕ ВПИШЕ 3.000 НОВИ ДРЖАВЈАНИ РОДЕНИ ТУКА КОИ НИКОГАШ НЕМАЛЕ ДОКУМЕНТ ЗА ИДЕНТИТЕТ, НИ МАТИЧЕН БРОЈПрофесорот Борче Давитковски (лево) вели дека преку ДНК анализа на роднини кои извадиле некаков документ со идентитет, со сведоци и вештаци, МВР и Министерството за правда најлесно може да ги регистрираат. (Фото: МИА)

    По стара бројка официјално се околу 600, а со пребројувањето на терен петпати повеќе се лицата родени во Македонија, а кои никогаш немале регистрирано име, презиме, матичен број, немале извод, потекло, крвна група, државјанство, адреса, престојувалиште. Овие фантоми или апатриди државата со помош на ОБСЕ, ЕУ и УНХЦР, под водство на Министерството за труд и социјална политика, ќе ги регистрира и впишува како државјани на РМ.

    „Има политичка волја конечно да се реши проблемот на лицата без државјанство во Македонија. Страшно е што имаме лица, кои немаат ни идентитет, бидејќи вие можете да немате државјанство, а да имате идентитет. Тоа се наши сожители, родени во Македонија, кои секојдневно ги среќаваме на патиштата, раскрсниците, покрај кејот на Вардар. Со генерации, дедо, син, внук. Немале ни основен документ да го решат својот идентитет“, вели професорот од Правниот факултет Борче Давитковски на денешната расправа и предлага начини како најбрзо и најевтино за овие тешки социјални случаи да се реши проблемот со нивна регистрација и добивање идентитет. Најголемиот број од овие случаи се Роми, а помалку азиланти.

    Давитковски вели дека преку ДНК анализа на роднини кои извадиле некаков документ со идентитет, со сведоци и вештаци, МВР и Министерството за правда најлесно може да ги регистрираат и впишат овие лица во системот и тие конечно да си добијат идентитет со документи.

    „Во законот за извод на родените треба да се предвиди посебна управна постапка за утврдување на факти, за да може МВР да утврди факти и да донесе решение за статус, идентитет, за да следи упис на лично име, да добие извод, матичен број, лична карта. Оваа постапка е поевтина за лицата фантоми, бидејќи трошоците за ДНК анализата која е околу 300 евра, и останатите трошоци ќе паднат на државата. Ако судот им го утврдува идентитетот, тоа ќе трае најмалку 5 години и ќе чини многу“, предлага Давитковски.

    Невладината „Амбрела“ од Шуто Оризари ги бара овие лица од куќа на куќа, надвор по улиците, на отворено, насекаде каде што се појавуваат и ги пребројува. Тоа го прави во координација со Министерството. Страшно е што сега избројавме нови 200 лица без идентитет само во Шутка, вели Љатифе Шиковска од оваа организација.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира