МАКЕДОНИЈА СЀ УШТЕ НЕМА РЕГИСТАР ЗА ЛИЦА СО АУТИЗАМ, СО ГРАФИТИ И ЦРТЕЖИ ПОТСЕТУВААТ ДЕКА СЕ ТУКА

    МАКЕДОНИЈА СЀ УШТЕ НЕМА РЕГИСТАР ЗА ЛИЦА СО АУТИЗАМ, СО ГРАФИТИ И ЦРТЕЖИ ПОТСЕТУВААТ ДЕКА СЕ ТУКАСветскиот ден за подигање на свеста за аутизмот 2 Април е посветен на зајакнување на жените и двојките со аутизам

    Македонија сѐ уште нема регистар на лица со аутизам. Се претпоставува дека во земјава има 12.000 луѓе кои страдаат од ова нарушување на невролошкиот развој, ако се земат предвид светските статистики дека еден човек на 166 има аутизам.

    Според родителите на деца и лица со аутизам во последните години сѐ повеќе лекари ја препознаваат оваа болест, бидејќи порано многу често децата добиваа дијагнози за некое ментално нарушување и минуваа години со погрешен третман додека да се открие аутизмот. Тие велат дека во третманот на децата со аутизам не е најзначајно само раното откривање на болеста, туку и нивно вклучување во секојдневните активности.

    Аутизам е нарушување на невролошкиот развој, кое се одликува со намалена способност за социјализација и комуникација и со ограничено и повторливо однесување. Сите овие знаци се манифестираат пред тригодишна возраст. Аутизмот делува на процесирањето информации во мозокот, со тоа што го менува начинот на којшто невроните и нивните синапси се поврзуваат и организираат.

    Активисти и родители на деца со аутизам за да ја подигнат јавната свест за потребите на аутистичните луѓе од секојдневна инклузија, а по повод Меѓународниот ден на лица со аутизам – 2 април организираа низа настани. Во саботата во паркот на Франкофонијата се оддржа работилница за печатење маички и школо за жонглирање, а учествуваа и деца со аутизам. децата се дружеа цртаа и боеја, а нивните дела беа изложени во паркот.

    Млади уметници денес ќе изведат претстава на улица, а потоа ќе го исцртаат логото на кампањата за подигање на свеста за аутизмот на кејот спроти скејт паркот. Деца на ролерки и скејтови ќе делат налепници низ парк, плоштад, а ќе бидат поставени и постери. За завршниот настан предвидено е од повеќе делови да се состави банер со логото за поддршка на лицата со аутизам.

    Генералното собрание на Обединетите нации лани во ноември ја усвои резолуцијата, која се осврнува на предизвиците со кои се соочуваат жените и девојките со посебни потреби. Резолуцијата изразува загриженост дека овие жени и девојки се предмет на различни форми на дискриминација.

    Годинава одбележувањето на Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот се фокусира на важноста за зајакнување на учеството на жените и девојките со аутизам во организации, во политиката и во донесувањето на одлуки за решавање на нивните проблеми.

    “На овој светски ден за свесност за аутизмот, сите да учествуваме во менување на ставовите кон лицата со аутизам и во признавањето на нивните права како граѓани кои, како и сите други, имаат право да ги бараат тие права и да донесуваат одлуки за нивниот живот во согласност со своја волја и желби “, вели Антонио Гутерес, Генерален секретар на ОН.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира