МАКЕДОНСКАТА ПРИКАЗНА Е ТЕСТ ДАЛИ НА ЕУ МОЖЕ ДА Ѝ СЕ ВЕРУВА, КАЖА ДИМИТРОВ НА ДЕНОТ НА ЕВРОПА

    МАКЕДОНСКАТА ПРИКАЗНА Е ТЕСТ ДАЛИ НА ЕУ МОЖЕ ДА Ѝ СЕ ВЕРУВА, КАЖА ДИМИТРОВ НА ДЕНОТ НА ЕВРОПАПо повод Денот на Европа, Димитров и Гир денеска ја посетија канцеларијата на Еко Пошта, корисник на проектот ЕУзаОтпорност. (Фото: МИА/принтскрин)

    Изгубивме време, години и генерации, направивме очигледен прогрес изминативе години и покажавме лидерство во решавање тешки прашања и затоа македонката приказна ќе биде тест дали на ЕУ можеме да ѝ веруваме, кажа вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на одбележувањето на Денот на Европа со евроамбасадорот Дејвид Гир.

    Димитров и Гир беа прашани за коментар на изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека Албанија може да ги почне пристапните преговори со ЕУ пред Македонија, ако нема договор со Бугарија. Димитров рече дека огромно мнозинство од земјите членки на ЕУ сакаат годинава што е можно побрзо да почнат пристапните преговори со двете земји и тој смета дека тоа е став и на Европската комисија.

    „Северна Македонија ги исполни сите услови на линија на европските принципи. Почетокот на преговорите е апсолутно заслужен поради три нешта: изгубеното време, години и генерации, очигледниот прогрес во изминатите години и покажаното лидерство во решавање тешки прашања. Мислам дека македонската приказни е тест дали на ЕУ можеме да ѝ веруваме во однос на цел Балкан“, кажа Димитров и додаде дека утре ќе го придружува премиерот Зоран Заев во Брисел, каде што ќе се сретнат со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и очекува да го чујат јасно ставот на Европската комисија.

    Евроамбасадорот Гир рече дека позицијата на ЕК е апсолутно јасна.

    „Комисијата сака да види почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно побрзи. Процесот на проширување се заснова на заслуги и двете земји исполнија сè што се бараше од нив и треба да одат напред“, изјави Гир.

    Прашан дали има шанси за договор со Бугарија, посебно со оглед на тоа што во Бугарија ќе има техничка влада и нови избори, Димитров одговори дека ситуацијата во Бугарија е предизвик, но нема веќе време за чекање.

    „Во однос на прашањето што да очекуваме со оглед на политичките случувања во Бугарија, претстојат техничка влада, нови парламентарни избори итн. Јасно ни е дека тоа е предизвик, но истовремено е јасно е дека ниту ние, ниту ЕУ, ниту нашите соседи имаме луксуз да чекаме повеќе. Многу време помина, има голем проблем со довербата во европската перспектива во регионот. Мораме да се обидеме и сосема да ја свртиме динамиката. Тоа ќе биде добро за нас, да се вратиме со Софија на колосекот на пријателство и соработка, но и за ЕУ“, кажа Димитров.

    По повод Денот на Европа, Димитров и Гир денеска ја посетија канцеларијата на Еко Пошта, корисник на проектот ЕУзаОтпорност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира