Папата Фрањо вели дека Македонците и Бугарите се две целосно различни нации, одговарајќи на новинарско прашање за впечатоците од посетата на двете земјите изминативе три дена. Папата Фрањо вчера беше во еднодневна посета на Скопје, а претходно ја посети Бугарија.
„Тие се две целосно различни нации. Бугарија е нација со вековна традиција. Македонија, од друга страна, има вековна традиција, но не како држава… Како народ, што на крајот израсна да формира нација. Тоа е убава борба“, изјави папата Фрањо во авионот на пат за Ватикан.
Тој рече и дека Македонија отсекогаш имала идентитет и сега тој е консолидиран како народ со мали и со големи проблеми, како нејзиното име и тоа сите го знаеме.
„И двете земји имаа христијански, православни, католички и муслимански заедници. Она што го видов е дека во двете земји има добри односи меѓу различните вери“, вели папата.