МАЛ Е ПРОЦЕНТОТ НА ВАКЦИНИРАНИ ДЕВОЈЧИЊА ПРОТИВ ХПВ, Д-Р ГРОЗДАНОВА АПЕЛИРА РОДИТЕЛИТЕ ДА СЕ ОДНЕСУВААТ ОДГОВОРНО

    МАЛ Е ПРОЦЕНТОТ НА ВАКЦИНИРАНИ ДЕВОЈЧИЊА ПРОТИВ ХПВ, Д-Р ГРОЗДАНОВА АПЕЛИРА РОДИТЕЛИТЕ ДА СЕ ОДНЕСУВААТ ОДГОВОРНОСогласно календарот за имунизација, оваа вакцина се дава помеѓу 9 и 12 години, а дополнително оние кои немаат примено вакцина до оваа возраст можат да ја примат до 15 години. (Фото: СДК.МК)

    Мал е процентот на вакцинирани девојчиња со ХПВ вакцината во земјава, вели проф. д-р Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација.

    Таа апелира дека оваа вакцина е една од најефикасните и има за цел да делува и да спречи развој на карцином на грло на матка. Согласно календарот за имунизација, оваа вакцина се дава помеѓу 9 и 12 години, а дополнително оние кои немаат примено вакцина до оваа возраст можат да ја примат до 15 години.

    „Карциномот на грлото на матка е еден од водечките кај женската популација на возраст од 15 до 45 години, а е втор по ред, веднаш по карциномот на дојка. Родителите ова сериозно треба да го имаат како информација со цел да донесат одлука дали ќе ги вакцинираат своите девојчиња или не“, изјави д-р Грозданова на денешниот брифинг поврзан со прашања околу набавка, чување и пристап до информации за вакцините, во организација на Македонскиот институт за медиуми и УНИЦЕФ.

    Причината зошто баш на оваа возраст е потребно девојчињата да ја примат вакцината, како што вели д-р Грозданова, е поради тоа што од имунолошки аспект е многу важно кога ќе се даде вакцината, но дополнително, оваа вакцина е асоцирана да се прими што е можно порано, односно пред девојките да стапат во сексуални односи.

    „Оваа вакцина што во моментов е достапна кај нас е четиривалентна и заштитува од четирите најинвазивни серотипови, директно асоцирани со развој на рак на грло на матка. Има и нови вакцини со поголема валентност и очекувам во следните години да ги имаме и тие“, вели таа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира