МАРИН ПРЕДВИДЕЛ 200.000 ЕВРА ЗА МЗТ СКОПЈЕ, А 325.000 ЕВРА ЗА ЕКОЛОГИЈА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

    МАРИН ПРЕДВИДЕЛ 200.000 ЕВРА ЗА МЗТ СКОПЈЕ, А 325.000 ЕВРА ЗА ЕКОЛОГИЈА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМГрадоначалникот на Аеродром Златко Марин и министерката за труд и социјала Мила Царовска на почетокот на изградбата на нова градинка во општината на 11 декември (Фото: Фејсбук/Општина Аеродром)

    Општина Аеродром и догодина ќе го поддржува кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје, за што во буџетот се предвидени 200.000 евра. Градоначалникот Златко Марин вели дека иако за клубот се издвојуваат пари, многу повеќе од другите години ќе има пари за заштита на животната средина, односно за оваа програма се обезбедени околу 325.000 евра.

    „Лани за заштита на животна средина биле издвоени само 16.000 евра, а сега ќе обезбедиме 325.000 евра. Со овие средства уште во јануари ќе набавиме прочистувачи на воздухот за сите градинки, катализатори за градинките и училиштата кои се греат на нафта, дрва за зазеленување на општината, енергетски фасади, за двосменско работење на комуналните инспектори“, вели Марин.

    Тој вели дека според програмата за заштита на животна средина, предвидено е да се постават мерни станици за загадување на 25 локации. Сега има само една станица кај крстот, а со новите точно ќе се мапираат точките од каде доаѓа најголемото загадување.

    Претходно, градоначалникот на Карпош Стефан Богоев кажа дека веќе нема да дава пари за кошаркарскиот клуб Карпош Соколи, за кој што минатата година ексградоначалникот Стевчо Јакимовски издвоил 620.000 евра.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ за следната година во буџетот предвидел 490.000 евра за кошаркарскиот клуб Работнички.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира