МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ НЕ МОЖАТ ДА ИЗДАДАТ НИ РЕЦЕПТ НИ УПАТ, МОЈТЕРМИН БЛОКИРАН

    МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ НЕ МОЖАТ ДА ИЗДАДАТ НИ РЕЦЕПТ НИ УПАТ, МОЈТЕРМИН БЛОКИРАНУтрово матичните лекари воопшто не можеле да пристапат до системот за електронско закажување МојТермин, оти системот им покажувал дека им се погрешни шифрите. (Фото: М. Златевска)

    Матичните лекари реагираат дека утрово бил блокиран системот за електронско закажување МојТермин и дека не можат да издадат ниту еден рецепт, ниту упат. Тие велат дека кога се обиделе да влезат во системот, тој не ги препознал нивните лозинки, иако шифрите не им се променети.

    „Хаос е од сабајле. Системот покажува дека лозинките не ни се точни и воопшто не можеме да влеземе во него, иако не сме ги менувале. Сите пациенти што беа дојдени да им закажеме термин кај специјалист, пациентите што примаат хронична терапија моравме да ги вратиме дома. Им кажавме да ги остават книшките и кога ќе профункционира системот ќе им ги издадеме потребните документи. На пола саат ѕвонат и прашуваат дали профункционирал системот и цел ден е хаос“, вели д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на здружението на матични лекари.

    Таа вели дека официјално објаснување од Министерствто засега нема, освен што од канцеларијата која го води МојТермин им било кажано дека проблемот не е кај нив туку кај МАРнет, мрежата за регистрирање на интернет адреси.

    „Не знам кај е проблемот, но сигурно прават некоја промена во системот штом не можеме да влеземе со лозинките. Промени на системот не смее да се прави во работен ден, оти сите матични лекари се без пристап, ниту пак во секундарно и терциерно здравство можат да прегледуваат и да ги внесат пациентите во систем, ниту пак аптеките да издаваат лекови. Промени се прават или ноќе или за викенд, а кога се прават вакви нешта треба да не известат. Слично нешто направи и претходниот министер, кога во системот ни го укинаа правото да пишуваме рецепти, се побунивме и тоа беше отстрането. Вакво нешто не смее да се повторува“, вели Чолакова Дервишова.

    Таа објаснува дека во дел од ординациите во текот на денот профункционирал системот, додека кај други лекари сè уште воопшто нема пристап до МојТермин.

    Од Министерството за здравство велат дека според информациите што ги добиле од Управата за електронско здравство утрово не станува збор за промена на системот, туку за технички проблем со доменот zdravstvo.gov.mk.

    „Од овој технички проблем меѓу другото, засегнати се и сегменти од системот МојТермин, што го користат матичните лекари, аптеките и дел од јавните здравствени установи. Проблемот е веќе надминат кај најголем дел од провајдерите и дел од матичните лекари и аптеките може да издаваат упати, а интензивно се работи за негово надминување и во останатите јавни здравствени установи. Во меѓувреме, здравствените установи ги примаат сите закажани пациенти и им се обезбедува потребната здравствена заштита“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари