МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ СЕ ЗАКАНУВААТ СО ШТРАЈК

    МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ СЕ ЗАКАНУВААТ СО ШТРАЈКЕден ден наредната недела матичните лекари планираат да не издаваат терапија за хронични болести, а ќе бидат примани само акутни и итни случаи. Управниот одбор на Здружението на матични лекари во недела ќе одлучи дали и кога ќе се оддржи штрајкот.- Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на здружението на матични лекари

    Здружението на матични лекари се подготвува за штрајк, односно еден ден од наредната недела нема да издаваат рецепти за хронични болести. Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, вели дека нивните тела по градовите веќе имале состаноци и дека повеќето се изјасниле на овој начин да искажат револт, што никој не ги решава проблемите со кои се соочуваат. Таа кажа дека во недела ќе имаат состанок на Управен одбор на здружението, на кој треба да гласаат за штрајкот и како тој ќе се одвива.

    „Идејата е еден ден да не примаме хронични пациенти и да не издаваме хронична терапија. Сè што е акутно и итно ќе го прегледаме и ќе го препратиме каде што треба. На овој начин сакаме да го искажеме револтот што тројца министри за здравство по ред останаа глуви на нашите барања“, вели Чолакова Дервишова.

    Таа објаснува дека од новиот министер Филипче добиле само ветувања за префрлање на пациентите на приватните здравствени установи, но дека останало само на ветување без конкретни промени.

    „Имаше ветување дека пациентите ќе ги префрлат на приватната здравствена установа, односно ако некој лекар си замине да може по автоматизам пациентите да ги префрлиме на новиот што ќе дојде, како што е во случајот кога некоја докторка ќе отиде на породилно. Сега пациентите сè уште се водат на матичниот лекар и ако некој си замине од тимот, автоматски се губат тие пациенти и сите одново треба да ги пријавуваме и да ги внесуваме. Ова наједноставно може да се направи со промена на правилникот на ФЗОМ, а трајно да се реши со промена на член 32 од Законот за здравствена заштита“, вели Чолакова Дервишова.

    Таа кажа дека бараат и зголемување на капитациониот бод, односно капитацијата од 55 денари по пациент која сега ја добиваат од Фондот за здравствено осигурување, како и да се одреди пакет на услуги што може да го добијат пациентите. Според матичните лекари потребно е да се донесе и Законот за докторска дејност, со кој ќе им се гарантира одредена сума како основна плата, бидејќи тоа е неопходно за да можат матичните лекари во источна Македонија да работат.

    „Во Источна Македонија сега имаме колеги кои имаат многу малку пациенти, оти реално нема доволно население и тие не можат плата за себе да извадат. Сметаме дека треба да се даде одреден пакт на услуги за пациентите, односно да се знае колку пати во месецот еден пациент може да дојде, и колку пати може да добие ЕКГ или други услуги“, вели Чолакова Дервишова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира