МЕЏИТИ ВЕЛИ ДЕКА СМРТНОСТА НА ПРЕДВРЕМЕ РОДЕНИТЕ БЕБИЊА Е НАМАЛЕНА ЗА 74 ОТСТО, ДИРЕКТОРКАТА НА ГИНЕКОЛОГИЈА АПЕЛИРА ЗА ВРАБОТУВАЊА ОТИ КАДАРОТ СИ ОДИ

    МЕЏИТИ ВЕЛИ ДЕКА СМРТНОСТА НА ПРЕДВРЕМЕ РОДЕНИТЕ БЕБИЊА Е НАМАЛЕНА ЗА 74 ОТСТО, ДИРЕКТОРКАТА НА ГИНЕКОЛОГИЈА АПЕЛИРА ЗА ВРАБОТУВАЊА ОТИ КАДАРОТ СИ ОДИДректорката на ГАК, д-р Викторија Јовановска и министерот за здравство Фатмир Меџити на одделот за предвреме родените бебиња. (Фото: Министерство за здравство)

    Од 2017 до денес, за 74 отсто е намалена смртноста на предвреме родените бебиња, рече денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, на Светскиот ден на предвреме родените деца. Смртноста во 2016 била 25 проценти, за во 2023 година да достигне 5,6 отсто.

    На прес-конференцијата на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), откако министерот кажа дека „овој фантастичен напредок, е резултат на унапредување на условите, вложување во модерна опрема на Клиниката за гинекологија и акушерство како и обуки на персоналот“, говореше и директорката, д-р Викторија Јовановска.

    Таа истакна дека под итно на Клиниката ѝ се потребни вработувања, особено во одделот за предвреме родените бебиња. Директорката кажа дека работат со многу мал број вработени, и дека сестрите и докторите се соочуваат со големи предизвици, оти работат по 24-часовни смени, без можност за одмор, спасувајќи ги животите на бебињата.

    „Докторите на тој оддел немаа можност дури ни да го искористат правото на годишен одмор, оти мора постојано да се тука.  Вработените макотрпно ја извојуваа оваа победа, овие бројки. Но, треба да се стремиме да го зајакнеме персоналот. Еве последниот месец потпишав три отказни решенија на сестри кои не можеа да го издржат тој предизвик. Таа работа е исклучително тешка. Борбата за живот на деца од 500 и 600 грама е огромна одговорност за вработените. Тие се под силен притисок и од мене и од раководство, секако и од нивната морална одговорност. Не можат да се соочат со тие предизвици и си одат. Имаме вработени кои остануваат на тој оддел, но работата се сведува на млади луѓе кои мора да трчаат цело време“, кажа таа, а министерот не искоментира ништо на овој апел.

    Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), глобалната тема за Светскиот ден на предвремено родените 2023 година е „Мали акции, големо влијание: непосредна нега кожа на кожа за секое бебе насекаде“.

    Предвремено родените бебиња имаат гестациска возраст под 37. недела од раѓање и доенчиња со мала родилна тежина под 2,5 килограми. Приближно 1 милион деца годишно умираат поради компликации од предвремено породување. Предвременото раѓање е водечка причина за смрт кај децата на возраст под пет години. Секоја година, околу 15 милиони бебиња ширум светот се раѓаат предвреме.

    „Од податоците објавени во Државиот завод за статистика во Република Северна Македонија стапката на смртност кај доенчиња за 2022 година изнесувала 3,2 умрени доенчиња на 1000 живородени деца. Додека стапката на смртност кај доенчиња за 2012 година изнесувала 9,8 умрени доенчиња на 1000 живородени. Во дадениот период бележиме позитивен тренд на намалување на доенечката смртност“, вели ИЈЗ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира