Педесет и двајца критично повредени пациенти во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ ќе се лекуваат во здравствени установи во странство, соопшти доцна вечерва Министерството за здравство. Во пожарот утринава загинаа 59 лица на возраст од 14-25 години, главнината од Кочани и околината.
За сите информации поврзани со состојбата на пациентите кои се наоѓаат во странство, како контакт лице е именуван проф. д-р Игор Николов, кој е достапен на телефонскиот број: +389 72 270 648, соопшти Министерството за здравство.
Денеска се згрижени над 140 пациенти, распределени во здравствените установи низ земјата: Клинички центар – 20 пациенти
Градска општа болница ( ГОБ )„8 Септември“ – 20 пациенти, Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – 21 пациент, Клиничка болница Штип – 20 пациенти, Општа болница Кочани – 7 пациенти и двајца пациенти на Клиниката за токсикологија.
Министерството соопшти дека 3 пациенти пристигнаа во Истанбул, а дополнителни 6 пациенти се очекува да пристигнат во Анкара до полноќ. Во Бугарија 14 пациенти се хоспитализирани, во Грција4 пациенти се згрижени. Во Србија 5 пациенти се веќе хоспитализирани, а дополнителни 12 пациенти со воен авион се на пат кон Белград.
Се очекува во тек на утрешниот ден да бидат испратени по 4 пациенти во секоја Хрватска и Романија. Во текот на утрешниот ден се очекува Словенија, Австрија и Унгарија да испратат медицински авиони за транспорт на пациенти.
„Сите пациенти кои се префрлени во странство се во стабилна состојба и под континуирана медицинска нега. Како дополнителна поддршка во справувањето со кризата, во земјата пристигна медицински тим од ВМА Белград, а се очекуваат и медицински тимови од Чешка, Израел и Белгија, кои ќе се приклучат на напорите за обезбедување соодветна здравствена грижа“, соопшти Министерството за здравство.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски кој работи од Кочани, кажа дека за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ обвинителите ќе бараат притвор за најмалку за 10 лица, осомничени за разни тешки кривични дела: од тешки дела против сигурноста, преку примање и давање мито, до пуштање во промет на опојни дроги.
„Пропустите се големи. Слободно можам да кажам дека се работи за ерозија на системот“, кажа државниот обвинител Коцевски кој исто така е вчудовиден како можело воопшто некогаш оваа дискотека да добие лиценца за работа.
Владата прогласи 7-дневна жалост на територија на целата држава по трагедија со 59 жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, и повика секој да се придржува до одлуката, „бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни“, се вели во соопштението по вонредната владина седница. Го задолжи и Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на земјава и за наодите од надзорот веднаш да ја извести Владата, „за да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата“.
Дискотеката „Пулс“ работела со фалсификувана лиценца, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој кажа дека една година дискотеката немала лиценца и таа работела и поради мито и корупција.
„Осомничени се повеќе од 20-тина лица, околу 15 лица се во полициска станица. Дел од осомничените се починати, дел се во болница. Дел од приведените се луѓе кои имаат дирекна вина за овој кривично-правен настан, односно приведено е едно лице кое е организатор и имаме сомнение дека има директна вина. Приведени се поранешен државен секретар на Министерството за економија, раководител на сектор во ова Министерството, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) како и тројца вработени“, рече Тошковски и кажа дека лицата по кои беше издадена потерница се најдени.
Б. НЕСТОРОСКА