Грчкиот алтернативен министер за надворешни работи задолжен за европски прашања Милтиадис Варвициотис кажа дека треба веднаш да се свика меѓувладината седница за Македонија и Албанија за почеток на преговори за нивно членство во Европската унија, на денешната заедничка прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
„Сметаме дека чекорите во оваа насока од страна на Европа треба да бидат брзи и одлучни. Затоа ги поздравуваме и затоплувањата во однос на проширувањето објавени на Самитот во Брдо и за тоа се насочуваме. Сметаме дека треба веднаш да се свика меѓувладината седница за двете земји, Албанија и Македонија, така што, да се расчистат позициите за следните чекори во преговорите и со евентуалните забрзувања на проширувањето како за Србија, така и за Црна Гора“, рече Варвициотис.
Варвициотис додаде дека во разговорите со Димитров биле разгледани можностите како Грција ќе даде техничко знаење за процесот на интеграција во ЕУ.
„Подготвени сме да учествуваме во сите аспекти на европската политика, но подготвени сме и да ја зајакнеме и нашата економска соработка во духот на пријателството и меѓусебното разбирање и добрососедските односи. Добрососедските односи сигурно се потпираат на довербата и правилното спроведување на Договорот од Преспа“, рече тој.
Меѓувладината седница на ЕУ со Северна Македонија е блокирана од бугарското вето за почеток на пристапните преговори.