МЕНТОРИТЕ МИХАЈЛОВА, БАХЧОВАНОВСКА, БАШЕСКА И ЈОСИФОВИЌ ЌЕ ГИ ОБУЧУВААТ ИДНИТЕ СУДИИ ЗА 8.000 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО

    МЕНТОРИТЕ МИХАЈЛОВА, БАХЧОВАНОВСКА, БАШЕСКА И ЈОСИФОВИЌ ЌЕ ГИ ОБУЧУВААТ ИДНИТЕ СУДИИ ЗА 8.000 ДЕНАРИ МЕСЕЧНОВо Академијата за судиии и јавни обвинители „Павел Шатев“ се обучуваат студентите од шестата генерација. (Фото: СДК.МК)

    Академијата за судии и обвинители уште во првиот круг ги назначи за ментори на студентите од шестата генерација судиите Елена Илиевска – Јосифовиќ од Извештајот на Стејт департментот, експретседателката на Кривичниот суд Татјана Михајлова, Моника Бахчовановска, Љубинка Башеска и други судии од овој суд, кои отворено ги блокираа истрагите, спасуваа од притвор осомничени функционери и ги опструираа обвиненијата на СЈО.

    Секоја од нив ќе ги обучува идните судии најмалку по еден месец, а има и такви како Башеска што ќе држат пракса и по неколку месеци, за повеќе кандидати. Месечниот хонорар за знаењето што ќе им го даваат на слушателите на Академијата, е 8.000 денари.

    Претходно, како што пишуваше САКАМДАКАЖАМ. МК, Судскиот совет до Академијата предложи список со 92 судии кривичари од повеќе основни судови во Македонија и 23 апелациони судии. Предложи список и со 97 граѓански (основни) судии и 39 апелациони, како и неколкумина стопански судии од прв и од втор степен. Меѓу нив беа и споменатите судијки, а Академијата од толку многу предлози, баш нив ги избра.

    Тие се поврзуваа со блокирање на постапките на СЈО, а ги спасуваа и од притвор експремиерот Никола Груевски и неговите најблиски соработници.

    Елена Илиевска – Јосифовиќ влезе во ланскиот извештај на Стејт Департментот. Таа беше посочена како една од судиите преку кој се прават политички манипулации во Кривичниот суд. Таа е сопруга на човек од доверба и клучен играч во компаниите на познат бизнисмен кој минатата година се појавуваше како сведок во предистражни постапки на СЈО.

    СЈО на оваа судијка и поднесе претставка за разрешување, во која наведе дека „судската постапка ја водела пристрасно, со злоупотребување на положбата и пречекорување на службените овластувања“.

    Татјана Михајлова, која повеќе од една година не го почна судењето против експремиерот Никола Груевски за насилствата во општина Центар и за шамарите што ги нарачувал за тогашниот градоначалник Андреј Жерновски, ќе остане позната и по местењето на распоредот на судиите во Основниот суд Скопје 1 додека беше негов в.д. претседател, равејќи чистка од неподобните судии, кои никако не смееја да дојдат во допир со предметите каде се гонеше бившото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Ги прераспореди сите 13 судии кои се побунија против нејзиниот претходник Владимир Панчевски.

    Диана Груевска – Илиевска во јули лани го спаси од притвор експремиерот Никола Груевски, но и останатите обвинети во „Титаник“ за големи изборни нерегуларности: Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Кога двајцата судии на тричлениот кривичен совет на кој таа била претседател изгласале одлука два спрема еден за да добие Груевски мерка притвор, Диана Груевска – Илиевска веднаш го известила тогашниот претседател Стојанче Рибарев. Итно се издава службена тајна пред одбраната на Груевски дека против судијата што гласал за притвор Дарко Тодоровски имало некоја иницијатива за разрешување пред Советот за факти, адвокатите експресно бараат и добиваат негово изземање, Рибарев враќа од службен пат од Битола друг судија на негово место и се превртува исходот во два спрема еден, но за да се одбие притворот за Груевски.

    Моника Бахчовановска е сопруга на поранешен висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ. Неа во октомври лани Специјалната обвинителка Катица Јанева ја фати како антидатира одлука за Ивона Талевска, во случајот „Тифани“.

    Иницијатива за разрешување Јанева на Бахчовановска и ја поднесе на 24 октомври лани и со неа, освен што аргументираше каде Бахчовановска излажала дека ја донела одлуката за отфрлање на бомбите во „Тифани“, предупреди и дека оваа судијка може и кривично да одговара, со оглед на тоа дека се води предистражна постапка за злоупотреби со АКМИС системот во Основниот суд Скопје 1.

    Љубинка Башеска е позната по тоа што лани цела година одбиваше да го покани Никола Груевски како главен сведок на Катица Јанева во предметот „Пуч“, поради што нон-стоп наоѓаше причини да го одлага судењето. На први ноември лани таа судењето го одложи на неопределено време (што е преседан), бидејќи немаше храброст да го покани сведокот Груевски. Јанева јавно ја прашуваше зошто во судењето намерно вклучува поротници без безбедносен сертификат, само за да може во недоглед да го одлага? Јанева подоцна го повлече случајот „Пуч“ за масовното прислушување и поднесе нови обвиненија за предметите „Тврдина“ и „Таргет“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира