МЕПСО ГО РАСКИНА ДОГОВОРОТ СО САРАЕВСКАТА ФИРМА „ЕНЕРГОИНВЕСТ“ ЗА ИЗГРАДБА НА ДАЛНОВОД ОД БИТОЛА ДО АЛБАНИЈА

    МЕПСО ГО РАСКИНА ДОГОВОРОТ СО САРАЕВСКАТА ФИРМА „ЕНЕРГОИНВЕСТ“ ЗА ИЗГРАДБА НА ДАЛНОВОД ОД БИТОЛА ДО АЛБАНИЈАОд МЕПСО велат дека до раскинување на договорот дошло поради неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања. (Фото: СДК.МК)

    Раскинат е договорот со фирмата „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, изведувач на изградбата на 400 kV далекувод од ТС Битола 2 до македонско-албанската граница, соопшти МЕПСО.

    Од државната компанија за пренос на електрична енергија велат дека до неодложно раскинување на договорот дошло поради неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања поради значителното зголемување на трошоците за материјали и услуги.

    „Тоа доведе до неможност за постигнување согласност меѓу двете страни“, велат од МЕПСО.

    Од МЕПСО додаваат дека договорот со „Енергоинвест” беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Тој рокот истече на 30 мај 2023 година.

    „Треба да се истакне дека во овој период, изведувачот неколку пати го напушташе градилиштето, барајќи дополнително плаќање, што беше одбиено од АД МЕПСО заради типот на договорот, клуч на рака. И покрај повеќекратните напори на АД МЕПСО за усогласување и преговарање, договор не беше постигнат. Затоа, АД МЕПСО ја донесе неопходната одлука за раскинување на договорот. Од започнување на проектот досега се реализирани 24 од планираните 269 фундаменти за столбови (8,9%), а доставени се 51,2% од опремата. Имајќи ја во предвид настаната ситуација, слабата динамика, напуштањето на работата, цениме дека раскинот на овој договор, всушност претставува почеток на завршување на овој проект кој претставува врвен приоритет за АД МЕПСО и Владата на РСМ“, се вели во соопштението на МЕПСО.

    Од МЕПСО велат дека веќе се започнати подготовки за рестартирање на проектот и ќе биде иницирана нова тендерска постапка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач кој ќе продолжи со изградбата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира