Акционерско друштво за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, во државна сопственост (АД МЕПСО Скопје) не располага со имотни листови за дел од далноводите, плаќа камати за неискористени кредити, остварува раст на приходите, но се соочува со сериозни слабости во управувањето со имотот, инвестициите и јавните средства, што директно влијае врз ефикасноста и развојот на електропреносниот систем. Ова го покажа извештај за МЕПСО за 2024 година на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Ревизорите утврдија дека, иако надлежните служби во континуитет преземаат активности за усогласување на работењето на друштвото со позитивните законски акти, утврдени се слабости во евиденцијата и регулирањето на сопственоста на електропреносната инфраструктура, вклучително и земјиштето. Дел од имотот нема уреден правен статус, a има и имот за кој нема точна сметководствена евиденција.
„Преносната мрежа на АД МЕПСО Скопје интегрира 112 далекуводи, при што за 53 далекуводи запишано е правото на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности, додека за 59 далекуводи друштвото не располага со имотни листови.За овој имот отпочнати се постапки за утврдување на правниот статус, но истите се сложени и долготрајни поради големиот број локации и нерешените имотно-правни односи, а во одредени случаи не може да се утврди основот за стекнување на правото на сопственост“, се вели во извештајот.
Материјалните средства во подготовка не се правилно признати и евидентирани, при што дел од нив се однесуваат на завршени проекти кои не се ставени во употреба (74.176 илјади денари или 1.202.200 евра), а за дел не може да се потврди нивната состојба, потреба и оправданост поради недостиг на документација (19.100 илјади денари). Поради ненавремено признавање на овие средства не бил пресметан и признат трошок за амортизација во претходниот и тековниот период, што влијание и на остварениот финансиски резултат од работењето.
Ревизорите во извештајот откриваат дека во изминатите тринаесет години АД МЕПСО реализира значајни инвестициски активности за изградба, реконструкција, ревитализација и модернизација на електропреносната мрежа, при што е утврдено дека степенот на нивна реализација се движи од 9% до 62% .
„Кај дел од проектите постои зголемување на вредноста на склучените договори, пролонгирање на рокот за нивната реализација, а два договори кои делумно биле реализирани се раскинати. Kај три проекти има зголемување на вредноста на првично склучените договори. Овие состојби негативно влијаат врз модернизацијата и сигурноста на преносната мрежа и упатуваат на потреба од поефикасно управување со инвестициските проекти“, велат ревизорите.
АД МЕПСО Скопје користи повеќе кредитни линии од меѓународни финансиски институции за финансирање на инвестиции, при што значителен дел од одобрените средства не е повлечен, што резултира со дополнителни трошоци за провизии и камати. Вкупниот износ на одобрени тековни заеми изнесува 102.400.000 евра, од кои 52% или 53.434.992 евра не се повлечени, за што во 2024 година платена е провизија во износ од 245.629 евра (2.633.953 евра за периодот откако се одобрени заемите, се до крајот на 2025 година) .
Побарувањата по дадени заеми на акционерски друштва во државна сопственост изнесуваат 591.990 илјади денари (приближно 9.594,652 евра) и истите се повеќе од 10 пати зголемени во однос на 2020 година. Давањето заеми не е основна дејност на АД МЕПСО Скопје, поради што ваквата практика негативно влијае врз ликвидноста и финансиската состојба на друштвото.
Кај 65% од нововработените лица (45) утврдени се неправилности во однос на исполнувањето на условите од јавниот оглас и актот за систематизација и распределбата на работните места, а кај дел од нив кратко по вработувањето е извршено прераспределување или унапредување.



