На јавна лицитација со наддавање ќе се продава мерцедесот од 600.000 што МВР го купи за поранешниот премиер Никола Груевски.
Службата за општи и заеднички работи на Владата ја почна постапката за преземање на возилото од Министерството за внатрешни работи, по што ќе следува процесот за негово продавање и набавка на амбулантни возила.
„Прво мерцедесот ќе се даде на проценка во Бирото за судски вештачења, каде ќе се утврди колкава е неговата вредност во моментов. Потоа ќе објавиме лицитација, почетната цена на возилото ќе биде онаа која ќе се утврди со вештачењето, па преку наддавање ќе се продава“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Пеце Мирчевски директорот на Службата за општи и заеднички работи.
Продажбата на мерцедесот ќе биде после Нова година, до кога треба да заврши постапката на вештаците за проценка на вредноста.
Премиерот Зоран Заев во октомври на централниот митинг во Скопје за локалните избори најави дека Владата нема да го користи мерцедесот, туку тој ќе се замени за амбуланти возила за клиниките.
„Да ви најавам дека тенкот, мерцедесот на Груевски од 600.000 евра ќе го вратиме и со парите ќе купиме амбулантни возила за клиниките“, рече Заев.
Владата одлуката за продажбата на луксузниот мерцедес ја донесе на седницата во вторникот, кога беше одлучено МВР да го предаде возилото на Службата за општи и заеднички работи, за да почне постапката за продажба.
За набавката на луксузниот мерцедес по желба на Никола Груевски, Специјалното јавно обвинителство го води случајот „Тенк“. Во „Тенк“ ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и помошник-министерот за јавни набавки во МВР Ѓоко Поповски се обвинети за Злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи со набавката го оштетиле буџетот за повеќе од половина милион евра. Експремиерот Никола Груевски е обвинет за примање противзаконита награда.
А. АНТЕВСКА