МЕРЦЕДЕСОТ СЕПАК НЕМА ДА СЕ ПРОДАВА ДОДЕКА ТРАЕ СЛУЧАЈОТ „ТЕНК“ НА СЈО

    МЕРЦЕДЕСОТ СЕПАК НЕМА ДА СЕ ПРОДАВА ДОДЕКА ТРАЕ СЛУЧАЈОТ „ТЕНК“ НА СЈОПродажбата е ставена во мирување за да не може никој да ја искористи постапка за да избегне одговорност во судскиот процес каде ова возило е материјален доказ. - Последен со луксузниот мерцедес се возеше генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг при посетата на земјава во јануари. (Фото: М. Златевска)

    Владата ја стопираше постапката за продажбата на мерцедесот од 600.000 евра кој го купи МВР по нарачка на поранешниот премиер Никола Груевски, додека трае судскиот процес на Специјалното јавно обвинителство „Тенк“.

    Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски вечерва по завршување на владината седница изјави дека оваа одлука била донесена за да не се избегне одговорност во судскиот процес кој се води, а мерцедесот е материјален доказ.

    „Донесовме одлука да ја ставиме во мирување продажбата на мерцедесот со цел да осигураме дека никој нема да ја искористи постапка за да избегне одговорност во судскиот процес каде ова возило е материјален доказ“, рече Бошњаковски во видеопораката на Tвитер по завршување на 57. седница на Владата.

    На 28 февруари директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата Пеце Мирчевски на прес- конференција соопшти дека откако е преценета вредноста на мерцедесот 233.695 евра, почнува постапката за негова продажба. Сите заинтересирани можат своите понуди да ги доставуваат до 12 март, по што комисијата ќе има рок од три дена да ги разгледа понудите и на 16 март рече тогаш Мирчевски ќе се одржи јавното наддавање. За утре од 10 до 15 часот беше предвидено сите заинтересирани да го разгледуваат возилото.

    Продажбата на мерцедесот кој беше купен за поранешниот премиер Никола Груевски ја најави премиерот Зоран Заев во октомври на централниот митинг за локалните избори во Скопје, кога рече дека „тенкот“ ќе се продаде и со парите ќе се купат амбулантни возила.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира