Преговарачките тимови на Македонија и Грција за решавање на спорот со името, ќе се сретнат месецов, но без посредникот Метју Нимиц, најави министерот за надворешни работи Никола Димитров.
„Точниот датум сè уште не е дефиниран. Рано е нешто конкретно да се зборува. Нашата политика е да ги одземеме аргументите на оние кои сакаат блокадата на нашиот пат кон Европската унија да остане. Претходната Влaда даваше такви аргументи, а ние не само што нема да даваме такви аргументи, туку ќе ги одземеме“, рече Димитров.
За изјавата на заменик-помошникот на американскиот државен секретар Хојт Ли дека спорот за името се решава досега на највисоко ниво, Димитров изјави дека добро би било покрај убави зборови да има и конструктивни ставови.
Министерот Никола Димитров и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска најавија дека во април Македонија ќе биде домаќин на првиот Дигитален самит.
А. АНТЕВСКА