МИ БЕШЕ ЧЕСТ ШТО БЕВ ПОСРЕДНИК – МЕТЈУ НИМИЦ ГО ПОЗДРАВИ ДОГОВОРОТ ПОМЕЃУ СКОПЈЕ И АТИНА

    МИ БЕШЕ ЧЕСТ ШТО БЕВ ПОСРЕДНИК – МЕТЈУ НИМИЦ ГО ПОЗДРАВИ ДОГОВОРОТ ПОМЕЃУ СКОПЈЕ И АТИНА24 години од животот му посвети на решавањето на спорот за името. - Метју Нимиц (Фото: СДК)

    Метју Нимиц, специјалниот посредник на Обединетите нации во решавањето на спорот за името, го поздрави постигнувањето на договорот помеѓу Македонија и Грција.

    На тој начин, беше ставен крај на неговата 24-годишна посветеност, ангажираност и инволвираност во еден од најдолговечните спорови во Европа.

    „Топло ја поздравувам објавата на премиерите Ципрас и Заев дека пронашле заемно прифатливо решение за спорот за името. Сакам да им честитам на двете страни на успешното заклучување на преговорите и на разрешувањето на разликите помеѓу нив“, вели Нимиц.

    Тој се надева дека овој договор ќе значи и релаксирање на односите помеѓу двете соседни земји, а особено помеѓу народите.

    „Во тој контекст, ме охрабрува посветеноста на двете влади да воспостават стратешко партнерство во интерес на своите граѓани, како база за почнување соработка во сите сектори. Ми претставуваше голема чест да бидам посредник помеѓу двете страни и сакам да им оддадам признание и на генералниот секретар и на сите колеги од Обединетите нации, кои ми даваа поддршка цело време. Сакам да го споменам и мојот претходник, покојниот Сајрус Венс, чија важна работа на Балканот придонесе за воспоставување траен мир во регионот. Но, пред сѐ, сакам да им честитам на министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас, кои покажаа лидерство, визија и посветеност во преговарачкиот процес“, изјави Нимиц.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира