МИЈАЛКОВ ДОБИ 30-ДНЕВЕН ПРИТВОР И ЗА „ИМПЕРИЈА“

    МИЈАЛКОВ ДОБИ 30-ДНЕВЕН ПРИТВОР И ЗА „ИМПЕРИЈА“На 20 ноември, на Мијалков му беше одреден 30-дневен притвор поради опасност од бегство во случајот „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување. - Мијалков со адвокатите на судењето за „Трезор“ на 29 ноември (Фото: К. Попов)

    Притворениот поранешен директор на УБК Сашо Мијалков од судија на претходна постапка доби по полноќ уште една мерка притвор во траење од 30 дена. Првата, како за обвинет во „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување, му е укината, а втората како за осомничен во истрагата на СЈО „Империја“.

    По барање на СЈО втората мерка притвор му е поради опасност за влијание врз сведоците и опасност од бегство. Тоа, велат странките во оваа постапка, би му го оневозможило барањето да се пушти од притвор со гаранција. За опасност од бегство, може да се гарантира пред судот со пари или имот, за влијание врз сведоци законот вели дека не може.

    Мијалков вчера бил донесен од затворот во Шутка во Основниот суд Скопје 1 по 15 часот, откако било поднесено барањето за нов притвор од 30 дена.

    За „Империја“ во притвор се неговиот кумашин Орце Камчев, газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески и уште тројца блиски соработници на семејството Камчеви.

    Осомничените во „Империја“, според СЈО, испрале најмалку 10,5 милиони евра. Засега, истрагата на СЈО опфаќа 13 луѓе и мрежа на фирми, но специјалната обвинителка Катица Јанева најави дека истрагата се проширува.

    Осомничените во „Империја“ испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку офшор компании, покажаа првичните истраги на СЈО. Со тоа го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6,3 милиони евра. Но, ова се само почетните суми, истрагата се проширува и на други лица и фирми, а веројатно ќе има и други кривични дела, рекоа од СЈО.

    Веќе им е замрзнат имотот на осомничените во случајот „Империја“. Исто така привремено се забранети финансиски трансакции на фирмите кои се сомничат и судот им наложил на повеќе банки да го запрат одливот на пари од сметките на фирмите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира