МИЈАЛКОВ КУПИЛ СКЛАДИШТА ЗА НАФТА И БЕНЗИНСКИ ПУМПИ, ОБЈАВИЈА ОД СОБРАНИСКАТА ГОВОРНИЦА ПРАТЕНИЦИТЕ МАНЧЕВСКИ И НИКОЛОВСКИ

    МИЈАЛКОВ КУПИЛ СКЛАДИШТА ЗА НАФТА И БЕНЗИНСКИ ПУМПИ, ОБЈАВИЈА ОД СОБРАНИСКАТА ГОВОРНИЦА ПРАТЕНИЦИТЕ МАНЧЕВСКИ И НИКОЛОВСКИ„Ова е тековна состојба на 'Бест веј инвестмент' од Скопје, којашто токму во овој период додека луѓето протестираат надвор ја купува 'Ом Петрол'. Управител, односно единствен содружник на оваа компанија е синот на првиот братучед на Никола Груевски“, рече од собраниската говорница пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски покажувајќи документи (Фото: принтскрин)

    Пратениците на СДСМ Дамјан Манчевски и Љупчо Николовски денеска од собраниската говорница рекоа дека додека се блокира Собранието, дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ се богати и објавија дека ексшефот на УБК Сашо Мијалков купил складишта за нафта и влегува во нафтениот бизнис во Македонија.

    „Додека вие овде го блокирате Собранието и институциите, вашето раководство се богати. Шест милиони евра потрошил Мијалков во јануари и во март за да купи депо за нафта и бензински пумпи!? За ова ли го блокирате Собранието? Овој ли криминал го штитите“, рече пратеникот Дамјан Манчевски.

    На дискусијата на Манчевски се надоврза и пратеникот на СДСМ Николовски, кој од говорницата покажа документи дека фамилијата на Сашо Мијалков купила складишта за нафта.

    „Ова е тековна состојба на ‘Бест веј инвестмент’ од Скопје, коишто токму во овој период додека луѓето протестираат надвор ја купува ‘Ом Петрол’. Управител, односно единствен содружник на оваа компанија е синот на првиот братучед на Никола Груевски. Токму преку овие зделки, додека граѓаните протестираат, се шири богатството од нафтени складилишта и од повеќе бензиски пумпи. Не е патриотизмот во прашање, не е ништо друго во прашање. Во прашање е ширењето на богатството на оваа криминална власт. Но правдата доаѓа, криминално стекнатиот имот ќе биде конфискуван“, рече Љупчо Николовски.

    И шестиот ден од дебатата на собраниската конститутивна седница пратениците продолжија со меѓусебни обвинувања за криминал  преку реплики и контрареплики, и уште не почнале да расправаат за точката на дневниот ред, избор на Комисија за избори и именувања.

    СДСМ  ги обвини пратениците на ВМРО-ДПМНЕ , на кои што денес им се придружи и лидерот на партијата Никола Груевски, кој се врати од Малта, дека продолжуваат да го кршат Деловникот. СДСМ  продолжи со обвинувањата и кон Трајко Вељаноски, за кого тврдат дека го има узурпирано местото на претседавач, оти наместо него таму требало да седи најстариот пратеник, Бранко Манојловски од ДУИ.

    На брифингот со новинарите, од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека идниот собраниски спикер мора да ја отфрли тиранската платформа и го повторија партискиот став дека брзи избори се единствен излез од кризата.

    Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак обвини дека државата била тероризирана од страна на парламентарното малцинство.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира