Апелациониот суд Скопје делумно ја уважи жалбата на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков за предметот „Плацеви на Водно“ и му изрече условна казна затвор која што нема да се изврши ако во наредните 4 години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Со тоа е преиначена казната изречена од Основниот кривичен суд од една година и три месеци затвор.
Истовремено, Апелациониот суд ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за Никола Груевски за истиот предмет и му ја зголеми затворската казна од 7 на 9 години.
Груевски, кој е во бегство во Унгарија, е осуден дека со пари од партиски донатори и членови купувал плацеви и станови за себе на Водно. Поранешниот премиер е осуден за кривичните дела Перење пари и други приноси од казниво дело и Противправно стекнување и прикривање имот. Мијалков е осуден за помагање.
Вчера, Апелациониот суд ја потврди ослободителната пресуда за Сашо Мијалков за предметот „Тортура“.