Премиерот Зоран Заев вели дека обвинетиот Сашо Мијалков бил принуден да се пријави во Обвинителството за организиран криминал откако институциите постапиле против неговото семејство како негови помагачи во бегството, но и со закана за запленување на неговиот имот.
На прес-конференција пред Владата, набрзо откако Мијалков сам се пријави во обвинителството да си го подигне решението за куќен притвор по два дена во бегство, Заев рече дека адвокатите на ексдиректорот на УБК претходно биле неколку часа во обвинителството за да го договорат предавањето.
„Семејство ризикуваше, имот ризикуваше, и сам се пријави. Но, не треба да се заборави Мијалков првично избега и барам да се истражат пропустите како се случи бегството“, рече Заев.
Премиерот вели дека извлекле поуки од бегството на Никола Груевски и утврдиле дека ако секој си ја заврши работата, ќе поттикнат човечки акт Мијалков да се пријави сам или полесно да биде најден.
„Учиме од бегството на Груевски и можеме да постапиме кога сакаме. Го најдовме 45 часа откако избега. Секој може да се скрие во соседна куќа, друга населба, друг град. И џепарош може да се скрие. Создадовме услови криењето да му биде неисплатливо“, кажа Заев.
За тврдењето на Мијалков дека бил болен, Заев рече дека тоа е приказна за мали деца.
„Сашо Мијалков избега, па се предаде самиот. Тоа треба да му биде отежителна околност во постапките што се водат против него. Се најде на тој начин што институциите ги притиснаа неговите најблиски во истрагата за помагање при бегството. Обвинителството отвори истрага за ова кривично дело, МВР ги повикуваше на информативен разговор неговите најблиски околу бегството. Се знае со кого од семејството беше виден последен пат од полицијата како влегува во хотелот ‘Мериот’ (со неговата сопруга и тројца обезбедувачи). Беа посочени како осомничени во предистрагата. И ефектот, еве го. Самиот се пријави“, рече Заев.
Потоа кажа дека сите гранични премини биле затворени, „Мериот“ бил со ленти заграден, објектите каде што можел да биде, исто така.
„Мојата температура се качи над 40 степени Целзиусови, не неговата. Ај доста со сите тие приказни за мали деца“, рече Заев, и додаде дека бидејќи смета оти ова е бегство од 48 часа на обвинето лице во сериозни кривични дела, очекува да има истрага за пропустот за бегството.
Не се согласува дека Сашо се измајтапил со државата, туку дека МВР и Обвинителството го нашле преку истрагата насочена кон неговите најблиски како осомничени дека му помогнале во бегството.