Љупчо Шврговски, адвокат на обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков за злосторничко здружување и за примање награда за противзаконито влијание во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, побара во Апелациониот суд Скопје мобилните телефони на новинарите да бидат собрани и изнесени од судницата.
Шврговски рече дека тоа го бара против наводно протекување на аудиоснимки во јавноста од јавните седници во Апелациониот суд Скопје во врска со жалбените постапки во предметите на СЈО.
Претседателката на кривичниот совет Лилјана Шопова го одби барањето на Шврговски новинарите да ги остават мобилните надвор од судницата. Појасни дека претставниците на медиумите се свесни дека такво нешто е забрането.
Во Апелацискиот суд во Скопје се одржува расправа за жалбата на СЈО по барањето за притвор на Сашо Мијалков обвинет во „Таргет“ и во „Тврдина“, случаи кои се однесуваат на незаконското прислушување и за уништувањето на опремата во УБК со која биле следени комуникациите.
Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1, ги одби барањата на Специјалното јавно обвинителство на обвинетите Сашо Мијалков, ексдиректор на УБК, на ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски, на шефот на кабинет на Мијалков Тони Јакимовски и на уште еден обвинет од Управата да им биде одреден притвор. Место тоа, советот одлучи како мерка за претпазливост да им бидат одземени пасошите, со обврска еднаш во неделата да се јавуваат на надлежно лице во Основниот суд Скопје 1.
Уште тројца обвинети за нелегалното прислушување ја добиле истата мерка.
На 18 ноември СЈО кажа дека од одземената архива од третиот систем за следење на комуникациите, кој сѐ уште се користи во УБК, утврдено било дека незаконското прислушување продолжило и по објавувањето на аферата со прислушувањето од лидерот на опозицијата Зоран Заев, но и во текот на 2016. СЈО тогаш отвори истражна постапка со кодно име „Таргет“ против десет лица од УБК кои се сомничат дека незаконски прислушувале 5.827 телефонски броеви.
Преку три системи за следење на комуникациите во УБК, од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Следена била и комуникацијата пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви“, кажа тогаш обвинителката Фатиме Фетаи.
Во периодот од 2008 до 2015, УБК користела три различни системи за прислушување. Два од нив незаконски се уништени, за што има и обвиненија во случајот “Тврдина“, кој сега е споен заедно со „Таргет“.
За прислушувањето на телефонски броеви на владини функционери, коалициони партнери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, политичари, бизнисмени и новинари, без судска наредба или по завршување на периодот назначен во судска наредба, обвинети се три раководни лица од УБК и седуммина од пониските ешалони во Управата. Тие имале и лозинки за да влезат и сами во трите система за прислушување во УБК, а Грујовски, и по уништувањето на двата система, продолжил и натаму да го организира незаконското следење на комуникациите преку третиот систем и на компјутерот во канцеларијата ги слушал разговорите на таргетираните лица.
СЈО до поднесувањето на обвинението, не доби одговор од третиот оператор,Телеком.
С. К. ДЕЛЕВСКА