МИЈАЛКОВ СЕ ПОВИКА НА АБОЛИЦИЈАТА ОД ИВАНОВ ВО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“, ПОБАРА ДА ПРЕКИНЕ СУДЕЊЕТО ПРОТИВ НЕГО

    МИЈАЛКОВ СЕ ПОВИКА НА АБОЛИЦИЈАТА ОД ИВАНОВ ВО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“, ПОБАРА ДА ПРЕКИНЕ СУДЕЊЕТО ПРОТИВ НЕГОАдвокатот на ексдиректорот на УБК побара ослободување на неговиот клиент поради одлуката на претседателот. - Сашо Мијалков на претходно рочиште во Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Судијката Џенета Бегтовиќ го почна судењето за предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување откако ги издвои во посебна постапка избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, како и Гордана Јанкулоска, која е со ризична бременост, по што стана адвокатот на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков и рече: „Со оглед на тоа што мојот клиент Сашо Мијалков беше ослободен од кривично гонење со одлука на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, и таа одлука не може да биде суспендирана со Законот за измени и дополнувања на Законот за помилување, барам судот да ја прекине постапката против него“.

    По ова стана и другиот адвокат, кој побара покрај клиентот Мијалков, да се ослободи и обвинетата Валентина Симоновска од УБК, која претседателот Иванов, исто така, ја помилувал меѓу 56-те можни тогашни осомничени.

    „Аболицијата на Иванов не може да биде повлечена“, рече адвокатот.

    Додека Мијалков се повикуваше на амнестијата од Иванов, останатите обвинети: Владимир Варелов (со чиј идентитет Грујевски избега од Македонија), Марјан Шумуликовски, Силвана Златкова, Васил Исаковски и Надица Николиќ само се погледнаа меѓу себе. Тие се изоставени од амнестијата на Иванов.

    По паузата, судијката рече дека за барањето за запирање на постапките советот ќе одлучи дополнително, но ќе соопшти на наредното рочиште на 31 август по одморите. Закажа термини за судење и на 13 и на 19 септември.

    Иако сега се повикува на аболицијата, Мијалков, на 16 април 2016, 4 дена откако претседателот Ѓорѓе Иванов донесе одлука за општ прекин на сите постапки против политичари и нивни соработници поврзани со прислушувањето и политичката криза, го повика да ги повлече одлуките за прекин на постапките кои се однесуваат на него.

    „Знам дека сум работел чесно и совесно во интерес на безбедноста на граѓаните и на мојата земја. Постапките кои СЈО ги покрена или има намера да ги покрене против мене, немаат никаква правна основа и единствено се базираат на политички нарачан прогон спротивен на Уставот и законите. Убеден сум дека Претседателот Иванов имал најдобри намери, но во мое лично име го повикувам да ги повлече одлуките за прекин на постапките кои се однесуваат на мене“, рече тогаш Мијалков.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира