МИЈАЛКОВ СПРОВЕДЕН ВО КУЌЕН ПРИТВОР, РУСКОВСКА НЕ ВЕРУВА ДЕКА ЌЕ ИЗБЕГА

    МИЈАЛКОВ СПРОВЕДЕН ВО КУЌЕН ПРИТВОР, РУСКОВСКА НЕ ВЕРУВА ДЕКА ЌЕ ИЗБЕГАНа прашање дали смета дека Мијалков ќе избега од куќен притвор, Русковска кажа: „Не мислам, зашто да сакаше да избега, ќе избегаше досега“. (Фото: СДК.МК)

    Сашо Мијалков од вечерва е на издржување на мерката куќен притвор. Таа стапува со одложено дејство, бидејќи требаше уште во неделата да се случи да не избегаше. На веб страната на МВР во делот „Потраги“ Мијалков е тргнат веднаш, остана осамена фотографијата на неговиот со меѓународна потерница баран братучед Никола Груевски.

    Откако се пријави сам во 17 часот во Обвинителството за организиран криминал и корупција, тој поседе таму уште два ипол часа, по што замина дома со полициска придружба.

    Жалбата обвинителството ја повлекло, по што останува на сила поблагата мерка, одредена во неделата навечер од тричлениот кривичен совет во Основниот кривичен суд Скопје. Според шефицата на организиран криминал Вилма Русковска, жалбата до Апелација била повлечена уште пред да се пријави Мијалков, зашто по сугестија на претседателот на Основниот кривичен суд, ако Обвинителството е незадоволно од мерката куќен притвор, треба да поднесе нов предлог, за ефективен притвор. Жалба на нереализиран куќен притвор, не се поднесува.

    По заминувањето на Мијалков, Русковска кажа дека обвинителството размислува дали ќе поднесе нов предлог за ефективен притвор на Мијалков.

    На прашање дали смета дека тој ќе избега од куќен, Русковска кажа: „Не мислам, зашто да сакаше да избега, ќе избегаше досега“.

    Русковска вечерва кажа дека 48-часовниот бегалец првин се јавил кај неа со прашање дали да се пријави во Обвинителството. Таа му се јавила на претпоставениот Љубомир Јовески, Државниот обвинител, од кого добила одобрување дека може и во ОЈО за организиран криминал да се пријави.

    Мијалков ќе дојде в петок на соопштување на пресудата за големиот случај за масовното незаконско прислушување „Тврдина-Таргет“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира