МИЈАЛКОВ УШТЕ НЕМА УПАТЕН АКТ ЗА ЗАТВОР, ПРЕД 10 ДЕНА ПОДНЕЛ БАРАЊЕ ВО МВР ЗА ОХРИДСКА ЛИЧНА КАРТА, ВЕРОЈАТНО ДА ИМ СЕ ПРИДРУЖИ ВО СТРУГА НА КАМЧЕВ И МИЛЕСКИ

    МИЈАЛКОВ УШТЕ НЕМА УПАТЕН АКТ ЗА ЗАТВОР, ПРЕД 10 ДЕНА ПОДНЕЛ БАРАЊЕ ВО МВР ЗА ОХРИДСКА ЛИЧНА КАРТА, ВЕРОЈАТНО ДА ИМ СЕ ПРИДРУЖИ ВО СТРУГА НА КАМЧЕВ И МИЛЕСКИКога би дошол и Мијалков во отворениот затвор во Струга, ќе се соочи со Милевски кој објави приватна семејна аудиоснимка во врска со него, но и со Камчев, кој прв призна што правеле заедно со Сашо во "Империја". (Фото: СДК.МК)

    Осудениот на затвор во истрагата  „Империја“ Сашо Мијалков пред десетина дена поднел барање во МВР за промена на адресата од Скопје, во Охрид, изјавија од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Пред 12 дена, пак, се спогоди за признание на вина со обвинителката Лиле Стефанова од ОЈО за организиран криминал и корупција и од судија во Кривичниот суд Скопје доби затворска казна од 3 години, која се „лежи“ само навечер, во едно од затворските отворени одделенија, во Струга, Скопје, Струмица и во други затвори кај што ја има таа опција.

    Од осми јули па до денеска, на Мијалков не му е даден упатен акт за во затвор, тврдат судски извори. И во затворите каде што проверивме, тврдат дека не биле информирани дека осудено лице со такво име и презиме, им е најавено дека ќе доаѓа наскоро.

    Во МВР вечерва не можеа да проверат во списите до каде е постапката на Мијалков за промена на адресата од Скопје во Охрид, поради истек на работното време во управните служби. Најавија информација за изутрина кога ќе се отворат шалтерските служби.

    Во отворениот затвор во Струга одлежува казна за „Рекет“ Зоран Милески – Кичевскиот поради Орце  Камчев, кој го пријави заедно со Бојан Јовановски и Катица Јанева дека му барале рекет.

    Од неодамна, во отворениот затвор во Струга почна да ја одлежува едногодишната казна и Камчев, кој призна вина за „Империја“, признавајќи ги сите незаконски работи што ги правел со Мијалков, кои Стефанова им ги стави на товар. И во „Плацеви на Груевски“ Камчев ја раскажа целата шема на прикривање на плацевите на Груевски и на перењето на неговиот имот, по налог, како што рече, на Мијалков.

    Ако Мијалков ја менува адресата за да ја одлежи тригодишната казна за „Империја“ во Струга, тој ќе се соочи со своите некогашни блиски луѓе, кои го разобличија пред судот. Особено што меѓу нив е и Ненад Јосифовиќ, кој призна буквално се што му се ставаше на товар на злосторничкото здружение во „Империја“, на чело со Мијалков и Камчев.

    Струшкиот затвор е со капацитет од 20 до 30 осуденици и нема шанса тие меѓусебно да се изолираат. Ако, според новата лична карта и место на живеење и Мијалков оди да ја одлежи казната во Струга, таму ќе мора да се дружи со некогашните бизнис партнери и семејни пријатели Камчев и Јосифовиќ, но и со Милевски кој според еден протечен прислушкуван телефонски разговор има сметки за расчистување со него, околу некои приватни релации со неговата сопруга.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира