Сашо Мијалков во затворот Шутка е сместен во обична ќелија со други притворени лица кои не се поврзани со ниеден од предметите на СЈО.
„Обвинетото лице Сашо Мијалков не е сместен во хашките ќелии, како што ги нарекувате. Тој е сместен во ќелија на приземјето од затворот, со други осомничени лица“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на затворот Шутка Ѓоко Котевски.
Малку посредената ќелија што се наоѓа на горниот спрат е зафатена од неговиот кумашин Орце Камчев кој е во притвор по барање на СЈО за предметот „Империја’.
Мерката притвор на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков му е одредена за предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Тврдина-Таргет“, каде што тој е главен обвинет за нелегално прислушување на илјадници граѓани на Македонија.
Орце Камчев, кој е осомничен заедно со Мијалков и уште 11 лица во истрагата на СЈО „Империја“, бил сместен на горното ниво во една од петте т.н. хашки соби, со повеќе светлина, ламинат, поубави душеци и веце шоља место чучавец како во обичните ќелии, откако затворскиот лекар дал мислење дека му требаат подобри услови поради покачениот холестерол.
Сашо Мијалков беше уапсен во неговиот хотел „Мериот“ во центарот на Скопје, на барање на Специјалното јавно обвинителство поради опасност од бегство. Уддел во сопственоста на хотелот донеодамна имаше и една од компаниите на неговиот кумашин и деловен партнер Орце Камчев.
Првиот човек на Орка холдинг во средината на септември, најавувајќи дека ќе гласа „за“ на референдумот за договорот со Грција за влез во ЕУ и НАТО со промена на името во Северна Македонија откри дека со Мијалков веќе не се пријатели.
Двајца од неговите соработници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски кои се обвинети во истиот случај „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување што доведе до најголемата политичка криза во независна Македонија веќе се избегани и побараа политички азил во Грција. Тамошниот Врховен суд донесе одлука тие да не бидат екстрадирани во Македонија, повикувајќи се на аболицијата на претседателот Иванов.
С. К. ДЕЛЕВСКА