Уривањето на грамадната зграда во форма на потковица „Космос“ на Фијат Цаноски од ПЕИ, само зашто ја раскинал коалицијата со Никола Груевски, почнало со класичен метод што одело споро, па со ургентна, незаконска јавна набавка била избрана фирма за да го урне објектот со експлозив веднаш, сведочеше денеска во Основниот суд минерот Михаил Ванчевски, сопственик на фирмата „Интеринженеринг“ во случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Ванчевски сведочеше како на обвинетите, тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и на градоначалникот на Гази Баба Тони Јакимовски, на нивните инсистирања „Космос“ да се урне што побрзо им укажувал дека таа работа е екстремно опасна и не може толку брзо да се заврши. Се употребува експлозив во урбана средина, а до објектот за уривање живеат луѓе. Се обидел да им објасни колку е опасно да се урива зграда со стопански експлозив и оти речиси никогаш тој не се практикува, туку се руши со класични методи.
„Бидејќи имав кратка временска рамка и инсистирање ‘Космос’ да биде срушен со експлозив што побрзо, во рок од 3 дена, одлучив да имаме пробно минирање на еден од столбовите на исклучително стабилниот објект. Издупчивме еден столб, ставивме заштита околу него да не прска бетонски материјал. Пробното минирање беше успешно. Утврдивме дека количината експлозив е доволна за натамошно минирање. За два дена ја извршивме операцијата, со нонел систем за урбана средина, каде полнењата доцнат за дел од секунда. Тоа е рафално палење за постепено онеспособување на објектот, да не дојде до директен удар и опасност по околината. Имаше кранови на северната и јужната страна на објектот во изградба, тоа беше многу опасно. Затоа уривавме од југоисток“, сведочеше минерот Ванчевски.
„Со министерот Јанакиески имав две средби, пред и по минирањето. По завршувањето на работата, не беше задоволен. Но со тие средства што ги понудија, толку можеше. Ги миниравме само првиот и вториот кат. Со тоа беа онеспособени третиот и четвртиот кат“, рече сведокот.
Експлозивот го набавил Фидан Илиевски, чија фирма има блокирана сметка и кој во смс пораките од минатото рочиште го моли Јанакиески да му помогне околу плаќањата, за да му се одблокираат сметките. Му покажал смс порака од Јанакиески како доказ дека мора веднаш да се минира објектот на Цаноски, зашто „утре ќе било катастрофа“.
Миле во смс порака го охрабрува Фидан:
„Фиданчо, рушењето во вторник ќе биде политички масакар!“.
Ова судење, поради бројни опструкции почна дури на 24 јануари 2018. Нарачатели и поттикнувачи на одмаздничкото уривање на „Космос“ се обвинетите Груевски и Јанакиески, помогнати биле од обвинетите Трајковски и соработниците од Општината.
Според бомбите за „ТНТ“, еден месец пред упадот во А1 телевизија, кога по долго одолговлекување Цаноски добива согласност за градба, Груевски на 15 ноември 2011 му раскажува на Јанакиески за средбата со Цаноски и му дава насоки: „Сега треба да смислиш причина зошто си го држел толку време“.
„Ќе смислам дека од Катастар бил проблемот“, му одговара Јанакиески.
„Добро е сега да знае дека не смее да се зафркава. Не смее како сирење да не решета“, продолжува Груевски за Цаноски, кој поради упадот во телевизијата на неговиот сват Велија Рамковски и уништувањето на А1ТВ, најави напуштање на коалицијата со Груевски, а беше 81. пратеник без кој Груевски немаше двотретинско мнозинство во Парламентот.
„Мооолим те да ми јавиш за дозволата, утре ми е Рамазан. Хахахаха“, го имитира Груевски Цаноски пред Миле и се смее по телефон. Продолжува во истиот разговор: „Аоооо ваков досега го немам видено. Молим те, вика. Хахахахаха. Добро излезе. Значи, не да е посран, му тече и низ панталони.“, се смее тој и натаму пред Јанакиески.
Бидејќи оштетениот Цаноски одбива да оди во Собрание, по телефон Груевски му дава наредба на Јанакиески да му потпише дозбола за градба, но по гласањето во Собрание, како што вели во разговорот, „случајно Фијат да не го фати стомак“.
Цаноски ја добива градежната дозвола за „Космос“, следува апсењето на Рамковски. Се раскаруваат Цаноски и Груевски, овие одлучуваат да му ја земат дозволата. Цаноски се заканува со тужби за отштета.
„Ќе ги гони лично Коце и Тони“, му вели Груевски на Јанакиески. „Да му најдеме некоја маана?“, предлага Јанакиески и така ја измислуваат отстапката од градбата, што ќе биде главен изговор за уривањето.
Му ја враќаат дозволата, Фијат си го гради објектот и веќе на 14 јули 2011, ден пред да се донесе решението за негово уривање, Груевски му вели на Миле: „Терај со ова утре“. „Нема причина за одлагање. Збориме за Ф.Ц., така?“, прашува Миле. „Да“, му одговара Груевски по мобилен. На 21 јули Миле го информира Груевски: „Јас ги спремив документите. Сега, како ќе ми кажете вие“. „Прашање на ден е, а не дали или не“, му враќа Груевски.
Планот за е правен на Втори август, Илинден.
„Тендер треба за експлозив. Ајде бе Миле, се јавуваат сите, притисок има“, го убрзува Груевски.
Исто на 2 август во друг разговор Никола го прашува Миле: „Војската нема ли динамит или МВР да ја завршат работата?“ „Не, не е проблем, сите купуваат динамит од МВР“. „Нека направат проект за 2 дена, нека не се заебаваат. Нема ли некој друг да се најде, некоја фирма за рушење? Имало на Запад една топка, ја дига кран и се залулува. Ко ќе удри во зграда, пола зграда со еден удар паѓа“, вели Груевски, барајќи брзи решенија.
Иако е во бегство во Унгарија каде бара политички азил, судот денеска на Груевски му одреди притвор од 30 дена веднаш штом ќе биде најден или екстрадиран.
Јанакиески од вчера е во 30-дневен притвор поради опасност да избега од земјава.
С. К. ДЕЛЕВСКА