На почетокот на експозето на програмата на мандатарот Зоран Заев за нова влада, се обврза, т.е. кажа дека ќе мора да ги среди институциите за да се справи државата со пандемијата со коронавирус поуспешно. На ранг-листата на приоритетите на новата влада Заев веднаш зад здравствениот систем, ја стави економијата.
Заев вети зголемување на минималната плата на 20.000 и на просечната на 34.000 денари до крајот на мандатот на оваа влада. Економијата предвидел да расте 4 отсто на годишно ниво. Фирмарина нема да плаќаат новоформираните фирми првите 2 години. Влезот на странските инвестиции ќе биде помогнат со 300 милиони евра од Буџетот и од меѓународните фондови што ќе ги добие Македонија.
Мандатарот вети дека за 4 години владата ќе отвори 80 отсто од поглавјата во преговорите за членство во ЕУ, а за 6 години, да ги затвори сите.
Заев остана скромен на зборовите за ресорот образование, тренд што се провлекува во општеството години и децении наназад.
Прва пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова пред експозето на мандатарот Зоран Заев, а по експозето и нејзиниот колега Александар Николовски, го искритикуваа денес претседателот на Собранието Талат Џафери што им дал само 3 дена да ја читаат предложената владина програма. Дополнително, и дека веднаш зад големиот христијански празник, Џафери и Заев побрзале да ја залепат седницата за избор на нова влада.
„Зошто брзате и што се обидувате да сокриете, вие си знаете“, кажа Николовски.
Тој рече дека коалиционата влада на СДСМ и ДУИ е коалиција на лагата. Повтори дека имало изборна измама со поткуп на гласови од двете партии.
Во однос на економијата, Николовски рече дека имало многу ветувања, ништо не е реализирано ни претходно и најголем дел не се реализирале и народот не живее подобро.
„Гледаме буџетска дупка од една милијарда евра. Не е тоа поради корона кризата“, кажа Николовски.
За предложената влада Собранието ќе гласа најдоцна до утре на полноќ.
С. К. ДЕЛЕВСКА