МИНИСТЕРКАТА ДЕСКОСКА ЌЕ ГО ПОВЛЕЧЕ УЧЕБНИКОТ ПО ОПШТЕСТВО ЗА 4. ОДДЕЛЕНИЕ ОТИ Е ДИСКРИМИНАТОРСКИ КОН ДЕЦАТА ОД ЕДНОРОДИТЕЛСКИ СЕМЕЈСТВА

    МИНИСТЕРКАТА ДЕСКОСКА ЌЕ ГО ПОВЛЕЧЕ УЧЕБНИКОТ ПО ОПШТЕСТВО ЗА 4. ОДДЕЛЕНИЕ ОТИ Е ДИСКРИМИНАТОРСКИ КОН ДЕЦАТА ОД ЕДНОРОДИТЕЛСКИ СЕМЕЈСТВАМинистерката за образование Рената Дескоска денеска ќе го повлече учебникот за 4-то одделение по предметот Општество откако Народниот правобранител утврди дека постои дискриминација врз основа на брачен и семеен статус и религија во областа на образованието((Фото: СДК.МК)

    Министерката за образование Рената Дескоска денеска ќе го повлече учебникот за 4-то одделение по предметот Општество, каде децата треба да донесат фотографија од свадбата на нивните родители и да одговорат дали се венчани во црква, откако Народниот правобранител утврди дека постои дискриминација врз основа на брачен и семеен статус и религија во областа на образованието.

    „Комисијата донесе предлог за повлекување на учебникот, денеска јас ќе го потпишам решението“, ни изјави министерката Дескоска.

    Народниот правобранител утврди дека има дискриминација во учебникот Општество за 4-то одделение на авторката Билјана Живковиќ, каде децата треба да донесат фотографија од свадбата на нивните родители и да одговорат дали се венчани во црква (Фото: Спорната содржина во учебникот по Општество за 4. одделение)

    Претставката до Омбудсманот беше поднесена од 40-тина мајки кои живеат во еднородителски семејства, вонбрачни заедници и брачни заедници, поддржани дополнително и од останати осум организации, со помош на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ (СЗПМЗ).

    Авторка на учебникот Општество за 4-то одделение е Билјана Живковиќ. На страница 18 во учебникот се учи за брачен живот и брачни улоги и меѓу другото се бара од учениците да залепат фотографија од свадбата на родителите или да ги нацртаат, притоа да одговорат кога нивните родители стапиле во брак и на која возраст, колку години се во брак и оставено е на учениците да заокружат, дали родителите се венчале во матично (Општина), црква или друго.

    „Ваквата вежба, како што е зададена во учебникот е дискриминаторска и вознемирувачка за цели групи родители и деца кои не живеат во конвенционални брачни односи и семејства, и тоа: за децата од еднородителски семејства, чии родители се разведени или пак еден од родителите е починат, непознат или исчезнат, деца кои живеат со роднини, деца без родители, деца чии родители живеат во вонбрачна заедница, па дури и децата чии родители стапиле во брак, но решиле да не направат свадба. Вежбата не дава можност децата од неконвенционалните семејства и брачни односи без вознемиреност и стигматизација да ги претстават односите во своето семејство или дом, бидејќи бракот како заедница и свадбата како начин на прослава, се претставени како единствено „нормални“ заедници и поведенија“, вели коалицијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира