МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО УШТЕ НЕМА РЕШЕНИЕ КАКО ОСИГУРЕНИЦИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ ВО АМБУЛАНТАТА ПО ЗАМИНУВАЊЕ НА МАТИЧНИОТ ЛЕКАР

    МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО УШТЕ НЕМА РЕШЕНИЕ КАКО ОСИГУРЕНИЦИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ ВО АМБУЛАНТАТА ПО ЗАМИНУВАЊЕ НА МАТИЧНИОТ ЛЕКАРПо средбата во Министерството за здравство минатиот месец беше кажано дека е постигнато решение, но сега велат дека бараат ново за да се избегне долгата процедура за законски измени (фото: Фејсбук)

    Матичните лекари велат дека системот за примарна здравствена заштита е под силен притисок, бидејќи сѐ уште не се решени нивните барања за задржување на пациентите во случај кога нивен колега ќе замине во пензија или ќе замине од приватната здравствена установа.

    „Минатата недела во ординација додека прегледуваше луѓе ни почина колега и неговите пациенти автоматски остануваат без лекар. Не може да ги прими замената, ниту пак да им даде упат или рецепт“, вели д-р Лидија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Република Македонија (ЗПЛРМ).

    Здружението реагира дека сѐ уште нема ништо од ветувањата што ги добиле од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) на средбата што се оддржа на 11 септември во Министерството.

    Д-р Чолакова-Дервишова, вели дека на разговорите со министерот за здравство Венко Филипче и со директорите на ФЗОМ Ден Дончев и Орхан Рамадани само делумно биле прифатени нивните барања.

    „Од нашите барања прифатија само 30 отсто. Ние баравме пациентите и лиценцата за работа, место како досега да се водат на име на лекарот, да се водат на име на приватната здравствена установа, зголемување на капитацијата, зголемување на буџетите за работа на лабораториите и приватните здравствени установи. Нивното решение беше да се направат законски измени со кои ќе се овозможи по заминување на едниот доктор да не ги бришат неговите пациенти од приватната здравствена установа, туку да останат на амбулантата, а потоа пациентот ако сака може да избере друг лекар“, вели д-р Чолакова-Дервишова.

    Таа вели дека од информациите што ги има Министерството за здравство сѐ уште не ги пуштило во процедура во Собрание потребните законски измени.

    „Од Министерство велат дека не можеле да ги достават измените, оти Собранието не работеше. А сега и со ситуацијава дали ќе има избори или не, може целата работа да се заглави“, вели д-р Чолакова-Дервишова.

    Од Министерството за здравство потврдуваат дека измените на Законот за здравствена заштита сѐ уште не се дадени во Собрание, бидејќи бараат начин како да реализира промената без законски измени за да може побрзо да се реализира.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари