МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО РАСПИША ТЕНДЕР ОД 200.000 ЕВРА ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ПОРТАЛОТ Е-УСЛУГИ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО РАСПИША ТЕНДЕР ОД 200.000 ЕВРА ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ПОРТАЛОТ Е-УСЛУГИМинистерот Дамјан Манчевски националниот портал е-услуги го промовираше лани во декември. (Фото: МИОА)

    Министерството за информатичко општество и администрација распиша тендер за избор на фирма која ќе го одржува националниот портал за е-услуги. Според огласот објавен вчера на страната на Бирото за јавни набавки проценетата вредност на договорот со траење од една година е 12 милиони денари или 200.000 евра. Тоа значи дека месечно одржување на порталот за електронски услуги ќе чини 16.600 евра.

    Од Министерството за информатичко општество и администрација велат дека одржувањето не подразбира само одржување на порталот како софтвер, туку и одржување на хардверот и лиценци за функционирање на порталот.

    „Во превод ова значи дека, сумата од 200.000 евра е за три различни ставки, споени во една. Одржувањето е превентивно за тоа што веќе е реализирано на порталот но и адаптивно. Адаптивно значи надградба на дополнителни функционалности и нови е-услуги кои ќе се нудат преку порталот. Во периодот кој ни претстои, во контекст на функционирање на животот во услови на постоење на КОВИД-19 од огромна важност ќе биде постојаната надградба и дополнување на порталот. Исто така, одржувањето се однесува и на зголемување на функционалностите на порталот, со кои во наредниот период покрај граѓаните, услуги ќе можат да добиваат и фирмите. Од тука, сомнежот дека сумата за одржување е голема е неоснован. Дополнително, ова е почетна сума за јавната набавка, која постои можност и да биде намалена во текот на постапката“, велат од Министерството за информатичко општество и администрација.

    Од Министерството велат дека вонредната состојба во којашто сме сега, ја зголемува важноста и потребата од дигитализација на процесите со цел да се обезбеди непречен тек на работите за сите граѓани.

    „Токму сега, повеќе од било кога, потребно е порталот за е-услуги да биде функционален и постојано надградуван, за да можат граѓаните да добиваат услуги од својот дом. На тој начин нема потреба физички да ги посетуваат институциите и со тоа да се изложуваат на непотребен ризик. Тука, можат да се добијат 128-те најчесто барани услуги за граѓаните, а со посебна надградба во моментов на порталот uslugi.gov.mk се аплицира и се добиваат дозволи за движење, во услови на ограничено движење“, додаваат од Министерството за информатичко општество и администрација.

    Националниот портал за е-услуги беше промовиран лани во декември. Дел е од проектот “Помош и зајакнување на капацитетите на реформите во јавната администрација“ и финансиран од страна на Европската Унија, во рамки на ИПА 2012. Вкупната вредност на договорот е 1.349.000 евра, а во рамки на истиот освен порталот развиено е и софтверското решение за Централниот регистар на население, анализа на европските добри практики во однос на регистри на население, како и препораки за законската рамка за да се обезбеди функционирање на овие системи.
    Договорот е имплементиран од страна на фирмата „Aркидата“ од Италија, во конзорциум со „Некстсенс“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира