Урнатиот потпорен ѕид зад Детската клиника во Скопје треба да го поправи Министерството за здравство, бидејќи е ограда на еден објект од комплексот унивeрзитетски клиники, рече денеска Драги Тарчуговски, државен советник во Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Дел од потпорниот ѕид се урна на 10 јуни, а институциите Министерство за здравствo, Град Скопје и Општина Центар со денови се правдаа и негираа кој е надлежен, а кој не е надлежен. На денешниот состанок во ЦУК биле поканети Министерството за здравство, Град Скопје и Општина Центар. Тарчуговски кажа дека не дошле претставници од Министерството, но дека ќе им биде испратен записник.
Уште на 10 јуни, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов кажа дека под улицата Белградска постои систем од шахти и подземни канали чија сопственост не може да се утврди. Не ја собират подземната вода коа доаѓа од падините на Водно и избива во самиот ѕид и со тоа дополнително ја нарушува стабилноста на ѕидот, но и на улицата.
„Долгорочно проблемот е многу посериозен и поголем доколку опфаќа целосно зафаќање на подземните води, затоа што дел од каналската мрежа е изградена во 1950-тите години на минатиот век и е уништена, затрпана, а дел се одржуваат. Целосно одржување на тој систем во моментов не е можен, поради што е потребна реконструкција и изградба на целосно нов систем, што е долгорочно решение, кое би траело со години, можеби и цела деценија. Но тоа е државен проблем кој ќе се решава во иднина. Што можеме да направиме акутно и веднаш. Тоа е поправка на оградата која е во надлежност на Министерството за здравство, бидејќи е ограда за еден објект. И тоа ќе се реши во наредниот период од Министерството“, кажа Тарчуговски.
На новинарско прашање што ако Министерството не сака да го поправи ѕидот, тој рече дека Министерството веќе има задолжение од инспекциските служби на Општина Центар да ја поправи оградата. Додаде дека тој ѕид не се поправа за три дена, можеби ќе се поправа цело лето.
Тарчуговски кажа дека може да се бара итно решение и за подземните води, кои се веќе површински води на улицата Белградска.
„Ќе се разгледа прашањето меѓу Градот Скопје и Општината Центар за каптирање на таа вода што е само на улицата Белградска и нејзино вметнување во постојната атмосферска канализација. За тоа очекувам во наредните денови да се одржи кооридативна средба меѓу Општината и Градот Скопје да се види што може да се направи како итно решение. Ако збориме за сеопфатно решение за целокупната каналска мрежа тоа е сигурно десетина повеќе милиони евра“, рече државниот советник.
Според градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, прво треба да одржат состанок со Општината Центар, да видат со што документација се располага и базирано на тоа ќе може да се каже.
„Сега вака напамет не можеме да зборуваме, ниту финансиски знаеме кои би биле импликацииите, ниту што треба да се прави, каков е каналскиот систем. Тоа е див каналски систем, кај никого не е на одржување, проблемот е поголем од аспект на тоа дека најверојатно за целосно решение, базирано на градењето што се одвивало наназад веќе децении целиот тој систем е уништен на повеќе стотици метри. Така што проблемот е многу сериозен, такви средства ниту има Општината, ниту Градот и тоа е нешто како стратешка инвестиција што треба да се направи базирано на она што го видовме дека Водостопанство како акционерско друштво од државна сопственост веќе извршило студија во минатата година. Таа е сериозен, голем, стратешки проект којшто ги опфаќа сите места каде што потенцијално има канали коишто во овој момент се уништени и би требало да се ревидираат“, кажа Арсовска.
Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски на друг настан во Стопанската комора, апелираше надлежните институции што побрзо да го решат проблемот со паднатиот потпорен ѕид во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Рече дека не е запознаен со конкретната состојба на ѕидот за да оцени дали треба да се урне и да се гради наново, но посочи дека во секој случај треба да се реагира брзо.
Уште пред 15-тина години, како што кажа, испратил лично писмо како загрижен за она што се случува во тој дел од градот и за стабилноста на објектите кои таму се градат во кое посочил дека голем дел од потпорните ѕидови не се испроектирани за да можат да носат таков зголемен товар.
„За жал тоа помина со молк од оние што беа надлежни“, рече Марковски.
- ПОТПОРНИОТ ЅИД НАД ДЕТСКА КЛИНИКА ПАЃАЛ ОД 2019, ГЕРАСИМОВСКИ ТВРДИ ТОА Е ПРОБЛЕМ НА ГРАД СКОПЈЕ, А АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА Е НА МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО
- СЕ УРНА ДЕЛ ОД ПОТПОРНИОТ ЅИД НАД ДЕТСКА КЛИНИКА, ВО ПРАШАЊЕ СЕ СААТИ КОГА ЌЕ СЕ СРУШИ ЦЕЛИОТ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ЦУК АНГЕЛОВ
Б. НЕСТОРОСКА