МИЦКОСКИ ДОБИ ПОСЛЕДЕН, ТРЕТ МАНДАТ ЗА ЛИДЕР НА ВМРО-ДПМНЕ

    МИЦКОСКИ ДОБИ ПОСЛЕДЕН, ТРЕТ МАНДАТ ЗА ЛИДЕР НА ВМРО-ДПМНЕМицкоски како единствен кандидат е реизбран од делегатите на 18. конгрес да ја води партијата во наредните четири години што, според статутот, ќе биде негов последен мандат. (Фото: ВМРО-ДПМНЕ)

    Македонија мора да знае да каже „да“ кога тоа е во нејзина корист, но и да каже „не“ кога се нарушуваат нејзините принципи, достоинство или идентитет“, истакна Мицкоски додавајќи дека партнерството со НАТО и Европската Унија може да биде силно само ако е рамноправно.

    Актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски доби трет мандат од делегатите на 18. партиски конгрес да ја води партијата во наредните четири години што, според статутот на партијата, ќе биде негов последен мандат.

    Според Зоранчо Јованчев, претседател на Изборната комисија, од 817 присутни делегати на конгресот во Кавадарци, 804 гласале за нов мандат на Мицкоски, кој беше и единствен кандидат за функцијата. На конгресот, кој се одржа под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, беа усвоени два политички документа, Стратегијата 2025–2030 и Доктрина.

    „Вечерва, на овој конгрес, не добив само реизбор како претседател на ВМРО ДПМНЕ, туку денеска, победи идејата. Победи патот што го трасираме за Македонија. Се потврди и недвосмислено зајакна решителноста да излеземе од кругот на стравот, поделбите, ниските амбиции и политичките навики што ја влечеа државата назад. Благодарам за овој ден. Благодарност и честитки за организацијата на овој настан и луѓето кои земаа учество. ВМРО-ДПМНЕ вечерва затвора едно поглавје на транзиции, кризи, напади, притисоци и неправди. И го отвора поглавјето на зрелост“, рече Мицкоски по изборот и додаде:

    „Вечерва, вие, делегатите, ја изгласавте Стратегијата 2025–2030, ја потврдивте Доктрината што ја подготвувавме со месеци, ја усвоивте платформата што треба да го дефинира животот на државата и развојот на партијата во следната деценија. Тоа не е обичен документ. Тоа е национален договор. Тоа е рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала. Тоа е патоказ што гарантира стабилни институции, модерна економија, почитувана дипломатија и самосвесна држава. Јас ви ветувам, како што сум ветил и пред вас и пред народот, никој нема да го прекрши тој договор. Ниту јас. Ниту владата. Ниту кој било што ја носи одговорноста“, рече Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира