МИЦКОСКИ ГО ПОБАРА ПИШАНИОТ ДОКУМЕНТ ОД ЗАЕВ И ГО ПОВИКА ДИМИТРОВ ДА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПОРАДИ КАПИТУЛАЦИЈА

    МИЦКОСКИ ГО ПОБАРА ПИШАНИОТ ДОКУМЕНТ ОД ЗАЕВ И ГО ПОВИКА ДИМИТРОВ ДА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПОРАДИ КАПИТУЛАЦИЈАПретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција го повтори ставот дека договорот за името со Грција е капитулација на Македонија. (Фото: Фејсбук)

    Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека побарал средба со премиерот Зоран Заев на која очекува да му биде доставен пишаниот документ за она што се согласил со неговиот грчки колега Алексис Ципрас во договорот за името.

    „Побарав итна средба со Претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов кој предводи една од институциите која е дел од државноста и интегритетот на државата и каде што ќе разговарам за ова суштинско прашање. Воедно ја користам и оваа прилика да побарам и средба со Премиерот, господинот Зоран Заев на кој очекувам да ми биде доставен пишаниот документ односно она за што се согласил со неговиот грчки колега Алексис Ципрас“, изјави Мицкоски на денешната прес-конференција во партиското седиште.

    Тој побара и неотповиклива оставка од министерот за надворешни работи Никола Димитров, за кој рече дека е учесник во капитулација.

    „Имаме министер за надворешни работи, името му е Никола Димитров, кој е учесник во оваа капитулација, и кој најави дека ако тоа помогне ќе си поднесе оставка. Еве го тој момент господине Димитров. Првиот почетен чекор е вие да си дадете неотповиклива оставка поради капитулацијата која што ќе се обидете да им ја прикажете на граѓаните како победа“, вели Мицкоски.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари