МИЦКОСКИ И АРСОВСКА НИШТО НЕ СЕ ДОГОВОРИЈА, ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ДОШЛА НА СОСТАНОКОТ БЕЗ ПРЕДЛОЗИ, НО ВЕТИЛА ДЕКА ДО ЧЕТВРТОК ЌЕ НАПРАВИ ПЛАН ЗА СОВЕТНИЦИТЕ

    МИЦКОСКИ И АРСОВСКА НИШТО НЕ СЕ ДОГОВОРИЈА, ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ДОШЛА НА СОСТАНОКОТ БЕЗ ПРЕДЛОЗИ, НО ВЕТИЛА ДЕКА ДО ЧЕТВРТОК ЌЕ НАПРАВИ ПЛАН ЗА СОВЕТНИЦИТЕАрсовска после средбата си замина и не даде изјава, а за утре закажа прес-конференција во Град Скопје.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Ништо не е договорено за решавање на проблемите во Град Скопје на средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката Данела Арсовска. На средбата во Владата, на која присуствуваше и министерот за локална самоуправа Златко Перински и претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески, не се разговарало за конкретни чекори како да се реши недостигот на автобуси и тоа што Скопје е затрупано со ѓубре. Арсовска не предложила план, туку ветила дека до четврток ќе подготви информација и предлог-решенијата ќе ги достави до Советот, кажа Перински.

    Арсовска после средбата си замина и не даде изјава. При пристигнувањето во Владата каде ја чекаа новинари, рече дека ќе свика прес-конференција во Град Скопје, која по средбата е закажана за утре, 20 август.

    Министерот Перински, кој даде изјава после средбата, рече дека сега се уште позагрижени и дека не очекуваат решенија.

    „Уште позагрижени сме сега од претходно. Нашите очекувања беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби за ние како Влада да помогнеме, но од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно. Како генерален заклучок се донесе дека немањето комуникација меѓу советничките групи е една фаза од препреките за реализација на проектите и затоа градоначалничката предложи до крајот на неделава да состави некаков план кој ќе биде презентиран пред советниците. Нашите очекувања не се големи. Ќе почекаме да видиме што од нивна страна ќе биде предложено за ние како Влада да помогнеме“, рече Перински.

    Тој додаде дека непостапувањето на Арсовска во вршењето на нејзините обврски е кривично дело. Прашан дали ќе поднесе кривична пријава против неа, рече дека тоа би го направил како граѓанин, а не како министер.

    „Очекувавме некаков предлог план за да видиме каде ние може да интервенираме, но освен критика кон Советот не слушнавме друго. Арсовска тврди дека не се гласале програмите, но за да возат автобусите и да се чисти ѓубрето не треба програма, претпријатијата работат по оперативен план. Сезонски работници имаше лани, па Скопје пак беше затрупано во ѓубре“, рече Перински.

    На средбата, како што кажа Перински, не се разговарало за барањето на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) за ЈП „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ да се поделат меѓу Општините. Рече за оваа идеја прво треба да се разгледаат законските можности.

    Арсовска стана градоначалничка на Скопје како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2021, а лидерот Мицкоски ја фалеше и велеше дека е жена менаџерка и токму таа треба да стане градоначалничка. Арсовска и Мицкоски се скараа десет месеци откако таа ја презеде функцијата, а кавгата почна поради менаџирањето на парите за изградба на пречистителната станица во Скопје, проект од 200 милиони евра европски пари што треба да го спроведе „Водовод и канализација“. Златко Перински, кој стана директор на „Водовод“ кога Арсовска дојде на власт, по кавгата беше резрешен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира