МИЦКОСКИ МУ РЕЧЕ НА ФИЛИПЧЕ ДЕКА Е КОДОШ И ПРЕДАВНИК, А ТОЈ МУ ОДГОВОРИ ДЕКА Е ЛИЦЕМЕР ОТИ ПРЕД ФОН ДЕР ЛАЈЕН ТВРДИ ДЕКА СО ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР НАШИТЕ ИДЕНТИТЕТ И ЈАЗИК СЕ ЗАШТИТЕНИ

МИЦКОСКИ МУ РЕЧЕ НА ФИЛИПЧЕ ДЕКА Е КОДОШ И ПРЕДАВНИК, А ТОЈ МУ ОДГОВОРИ ДЕКА Е ЛИЦЕМЕР ОТИ ПРЕД ФОН ДЕР ЛАЈЕН ТВРДИ ДЕКА СО ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР НАШИТЕ ИДЕНТИТЕТ И ЈАЗИК СЕ ЗАШТИТЕНИФилипче од собраниската говорница му рече на Мицкоски: „Порачајте им на другарите од Србија да не ми се закануваат сега при увозот на мазут. Не ви се плашам”. (Фото: СДК.МК)

Пратеничкото прашање лидерот на СДСМ Венко Филипче го почна со реченицата на премиерот Христијан Мицкоски на тв-интервју со која тврдеше дека секој денеска може да плати и да нарача текст во медиум.

„Призна пред целокупната македонска јавност дека нарачуваш текстови, ти лажеш постојано и го загадуваш духот на граѓаните. Тие не знаат потоа што е вистина, што е лага. Лажеше за Дејвид Гета, рече прво нула денари кошта, утредента излегоа 5 милиони евра платени државни пари, во време на ваква сиромаштија. Лажеше за идентитетот, сега самиот признаваш дека Преспанскиот договор ги зачува идентитетот и јазикот. Се фалиш со бесплатен роаминг. Па граѓаните сакаат слободно да се движат и да не чекаат на граници, а не бесплатно да зборат. Економијата е катастрофа, вртоглаво растат цените последниве две години, вие немате инфраструктурни проекти, се шлепате на нашите кои ги нарекувавте криминални. Тие ја движат економијата. И на сето тоа, ја носите Алта банка. Ги загрозивте парите на граѓаните. Моето прашање е: Со кого го направивте дилот за влез на Алта банка во Македонија?”, праша Филипче на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

На крајот тој додаде: „Порачајте им на другарите од Србија да не ми се закануваат сега при увозот на мазут. Не ви се плашам”.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека на крај ќе му одговори за Алта банка, а прво ќе збори за лажењето.

„За разлика од вас јас не одам надвор од Македонија да ги кодошам луѓето од Македонија. Јас се борам за граѓаните кои имале несреќа вие да им бидете на власт седум години. Но, надвор колку и да сте лоши и криминалци, нема да зборам лошо за вас и да ги кодошам граѓаните и својата Влада. Што се однесува за горивата, сите прашуваат како успевате со месеци да ја држите цената на горивата пониско. За дилот, јас знам дека сте дил-ориентед, немам друг одговор”, одговори Мицкоски.

„Го потврдивте лицемерието. Пред Фон Дер Лајен зборувате дека со Преспанскиот договор се потврдени идентитетот и јазикот, а овде мене ме нарекувате предавник. Се надевам нема да се најде вашето име во ‘скај’ комуникацијата на уапсените криминалци во Србија”, рече Филипче.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира