Премиерот Христијан Мицкоски најави контроли во супермаркетите откако рече дека претходно денеска имал координација со министерот за економија и труд, заменикот, претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата и директорот на Државниот пазарен инспекторат, во врска со цените во маркетите.
Ваквата најава на премиерот доаѓа по најавите на социјалните мрежи за бојкот на супермаркетите поради високите цени.
„Знаете дека за време на вчерашната прес-конференција, на самата иста прес-конференција беа потенцирани два ланци на маркети кои што, од страна на ваши колеги, кои што можеби, според нивното кажување, прават одредени, би рекол изигрувања на законите и процедурите и денеска истите тие ќе подлежат на ригорозна контрола и деновиве коишто следат. Бидејќи според информациите со кои што располагаме, имаме отприлика околу 20.000 коминтенти по ланец супермаркети и ќе треба да длабоко се навлезе во тоа да видиме дали постојат вакви индиции“, кажа Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по симулацијата на сајбернапад во касарната „Гоце Делчев“.
Мицкоски додаде дека освен ланците супермаркети, и други трговски објекти ќе бидат подложни на ваков тип на контроли.