Веднаш по изгласувањето на заклучоците по Информацијата на Владата за неа прифатливиот француски предлог за кревање на ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одржа прес-конференција.
„Ова се изјави на сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ заверени на нотар, дека никогаш нема да гласаат за уставните промени со цел внесување на Бугарите во Уставот. Овие изјави се поврзани со нивни неотповикливи оставки на функциите ако постапат спротивно”, покажа Мицкоски.
Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав е услов за втората меѓувладина конференција и почеток на преговорите со ЕУ.
Тој кажа дека по завршување на мандатот на пратениците од СДСМ, тие кривично ќе одговараат. На граѓаните им се обрати дека ништо не готово.
„Со мене на чело на идната Влада, а ќе ја има зашто неизбежни се избори по ова велепредавство, работите ќе се поправат. Ќе биде тешко да се вратиме на нашите позиции пред предавството, но ќе успееме. Битно е да се држиме заедно”, рече тој.
Прашан дали ќе се премисли за уставните измени ако бугарските власти го признаат македонското здружение во Бугарија ОМО Илинден, Мицкоски не одговори децидно.
„Барем една, само една од 16 пресуди на Стразбур да спроведат. Не верувам во бајки”, кажа тој.
За време на новинарските прашања, тој почна да ги прашува нив во еден момент.
„Зарем вие медиумите сакате да остане оваа власт? Одговорете ми, дали сакате да остане оваа власт?”, направи преседан лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на што очекувано, не доби одговор.
С. К. ДЕЛЕВСКА